На денешен ден, 4 април 1936 година, пред 90 години, во Тарту, Естонија од овоземскиот свет засекогаш замина Леонхард Готхилф Мазинг, авторот на првата докторска дисертација за посебноста на македонскиот јазик. Но неговото име никогаш нема да изчезне додека на планетава живее и последниот Македонец.
Интересот за македонскиот јазик се случува во Лајпциг во 1886 година при средбата на Леонхард Мазинг со Иван А. Ѓоргов од Велес во чиј говор Мазинг препознал нешто оригинално во македонските говори и тоа го поттикнало на понатамошно љубопитство и истражување.
Две години подоцна, во 1888 година во Петроград (Санкт Петербург) се сретнал со уште еден Македонец, Димитар Топеничаров од Охрид.
Овие две средби го насочиле да ги препрочита сите веќе објавените зборници од Миладиновци, Шапкарев, Верковиќ, Драганов, Пулевски (и други) и проф. Мазинг, без резерви изјавува дека македонскиот јазик е одделен словенски јазик со сопствен пат на развиток.
Дисертацијата на Мазинг од 1890 година како пионерски труд е обогатена со своите специфични особености за македонскиот јазик и го претставува како различен од српскиот и бугарскиот, а тоа иницирало и понатамошни истражувања од други лингвисти кои го отвораат патот за македонистиката.
Со докторската теза за македонскиот јазик како и останатите свои дела Леонхард Мазинг даде поттик за развој на македонистиката уште кон крајот на XIX век. Неговите дела ги привлекле и други автори на кој им била важна историјата на Кирило-методиевата писменост, култура и етнолигвистика, додека политиката и пропагандата им била туѓа.
За Македонија/македонскиот јазик во 1890 година вели:
„Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етно-историски граници за дефиниција на јазикот!“.
Проф. Леонхард Готхилф Мазинг (заокружен, од лево кон десно петти во редот на седнати професори). Фотографирано на универзитетот Тарту во Естонија (околу 1920 година).
Леонхард Готхилф Мазинг е погребан на универзитетската парцела на гробиштата Раади во Тарту кои претставуваат најголеми балтогермански гробишта во Естонија каде почиваат голем број на познати личности од науката. За жал, по Втората светска војна, во 1945 година голем број од надгробните плочи на гробиштата Раади се отстранети и неговиот гроб не може да се лоцира.
БИОГРАФИЈА
Балтогерманскиот лингвист Леонхард Готхилф Мазинг е роден на 21 ноември 1845 година во селото Мустел (денес Мустјала), на островот Езел (денес Саарема) во Естонија како четврт син на протестантскиот свештеник Карл Јоханес Мазинг. Се образувал во Лајпциг, Гетинген и Дорпат (Тарту).
На 27 ноември 1890 година ја одбранил докторската теза за засебноста на македонскиот јазик со посебно внимание на рефлексите ќ (tj) и џ (dj) – еден од „најатрактивен проблем“ во славистиката. Насловот на дисертацијата во оригинал гласи: „За јазичната определба на македонските Словени“ (Zur sprachlichen Beurteilung der macedonischen Slaven. I. Vertretung von tj und dj, 1890).
Следната година Мазинг издава дополнителна студија кон дисертацијата со наслов: „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти. Прилог кон нивната критика“ (Zur Laut und Akzentlehre der macedoslawischen Dialekte. Ein Beitrag zur Kritik derselben, 1891).
Леонхард Мазинг преку 45 години предавал на Дерптскиот универзитет на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје и одржувал курсеви по споредбено – историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, црковнословенски јазик, јужнословенска дијалектика, источноевропски јазици итн.
Денешниот изглед на универзитетската зграда во Тарту (Universitatis Tartuensis) каде е одбранета првата докторска дисертација за македонскиот јазик од Леонхард Готхилф Мазинг на 27 ноември 1890 година. Универзитетската зграда е изградена во периодот од 1804-1809 од универзитетскиот архитект Јохан Вилхелм Краузе.
УНИКАТНА ИЗЛОЖБА ЗА ЛЕОНХАРД МАЗИНГ ПО ПОВОД 125 ГОДИНИ ОД ДИСЕРТАЦИЈАТА ВО 2015 ГОДИНА
Во чест на истакнатиот балтогермански лингвист Леонхард Мазинг, по повод 125 години од одбраната на дисертацијата и 170 години од неговото раѓање, на 27 ноември 2015 година во Универзитетската библиотека во Тарту беше отворена изложба посветена на животот и делото на Леонхард Готхилф Мазинг.
Иницијатор и автор на изложбата беше проф. Георги Гоце Дуртаноски од Европската христијанска академија од Летонија во соработка со Колеџот за странски јазици и славистика при универзитетот во Тарту и проф. Љубов Кисељова.
Проф. Дуртаноски селектираната архивска граѓа ја истражуваше неколку години во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската евангелистичка црква.
Изложбата претставува ретроспектива за животот на Леонхард Мазинг со фокус на 125 годишнината од одбраната на докторската теза за засебноста на македонскиот јазик како и неговите сестрани истражувања и необјавени записи за географијата, историјата и етнографијата на Македонија.
Со инаугуративни говори изложбата ја отворија директорката на универзитетската библиотека Лиси Лембинен, македонскиот амбасадор во Естонија Сашо Велјановски, а свои излагања за ликот и делото на Леонхард Мазинг имаа: директорката на Колеџот за странски јазици и славистика проф. Љубов Кисељова, познатиот слависти и поранешен професор по славистика на универзитетот во Тарту проф. Александар Димитриевич Дуличенко, естонскиот амбасадор за Македонија Даниел Шер, почесниот конзул на Македонија во Тарту Петер Роуз и авторот на изложбата проф. Георги Гоце Дуртаноски.
ДИСЕРТАЦИЈАТА ОД ЛЕОНХАРД МАЗИНГ КОНЕЧНО ПРЕВЕДЕНА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО 2022 ГОДИНА
Овој значаен труд од Леонхард Мазинг конечно, 132 години по неговата инаугурација, беше приопштен на македонски јазик од нашата сонародничка и лектор по македонски јазик Бранислава Драговиќ во 2022 година како индивидуално издание, по децениското одбивање на државните институции да го објават ова капитално дело за македонистиката.
Објавувањето на преводот од Бранислава Драговиќ под наслов „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти“ (дополнето издание кон дисертацијата од Мазинг од 1891 година) претставува драгоцен прилог кон историјата на македонскиот јазик и значаен прирачник за македонистите во светот.
Вечна му слава на Леонхард Готхилф Мазинг кој ги отвори вратите за македонистиката во светот!
Влезот на гробиштата Raadi (ест. Raadi kalmistu), кои датираат од 1773 и најголеми балто-германски гробишта во Естонија каде почиваат голем број на познати личности од науката









