Денот на тутунските работници се одбележува на 4 април. На овој ден во далечната 1938 година тутунските работници на чело со Борка Левата организирале штрајк во монополот борејќи се за своите синдикални права. Од тогаш традиционално овој ден е се чествува како своевиден празник на тутунските работници и секоја година се празнува во Македонија.
По тој повод, денеска на 3 ти април, во Тутунски Комбинат АД Прилеп со интерна прослава компанијата го одбележала своевидниот празник. Биле доделени признанија и награди за работниците со долгогодишен стаж. Комбинатот ги наградил за лојалноста работниците со 10, 20, 30 и за прв пат годинава со 40 години работен стаж, кои што според Колективниот договор, се вредносни награди во висина од 30%, од 50%, од 60% и 100% од платата, како и признанија за нивниот придонес во компанијата.
Традицијата за одбележување на Денот на тутунските работници продолжува и кај здруженијата кои повеќе децении се присутни во Македонија. Утре во Прилеп во хотелот Салида од 11 часот Сојузот на здруженија на тутунопроизводители на Република Македонија, свечено ќе го одбележи Денот на тутунските работници.
„Настанот е посветен да им се оддаде признание на трудот и придонесот на тутунопроизводителите кои имаат значајна улога во развојот на земјоделството и економијата, а ќе бидат отворени прашања за значењето на тутунопроизводството, ќе се дискутира за актуелните состојби и предизвици во секторот, можноста за развој,“ стои во поканата до медиумите и јавноста.
Оваа година Сојузот на здруженија на тутунопроизводители на Република Македонија одбележува 72 години од постоењето. Организацијата до 2024 година беше легитимен претставник на тутунопроизводителите во преговорите за законски измени и претставник за преговори околу откупните цени и условите за тутунопроизводство.









