По Скопје и Охрид денеска и во Градската библиотека „Борка Талески“ беше промовирана новата книга – збирка раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески, прилепчанец, новинар, политиколог, дипломат, прозаист и сликар. Интригантниот наслов на книгата буди интерес за читателската публика, до толку повеќе што авторот Крстески има богато животно искуство исполнето со многу настани и сведоштва низ годините.
– Насловот е една реплика, од еден расказ, кој исто така се вика „Не правете го тоа во мојот автомобил“. Тоа е само една реченица од еден таксист кој ме возеше во Лондон. Станува збор за раскази кои претежно се дел од моите доживувања меѓутоа, има доста кои се судираат со стварноста, што е стварност, што е вистина, што е фикција и што е илузија. Меѓутоа сето тоа се рефлектира од она што го имам доживеано во животот. Интригантното е тоа што може да се каже дека има раскази кои се многу реалистични и кои се одразуваат тоа што мене ми се случувало.Меѓутоа ликовите и некои настани се додадени, направени во една уметничка форма,“ вели Крстески.
За авторот пишувањето е еден вид пасија иако не е негова главна преокупација, бидејќи се занимава со меѓународно право и меѓународни односи, со надворешната политика, на што има докторирано. Од таа област авторот има објавено шест книги. Расказите во новата книга на Крстески ја одразуваат реалноста збогатени со фикција, имагинација и илузија што пак е многу блиску до вистината и реалните доживувања исполнети со изненадувања за читателската публика.
Промотор на книгата проф. д-р Александар Прокопиев на денешниот настан го поттикна читателското љубопитство.
„Се работи за писател кој во неговата богата кариера има изразит креативен потенцијал. Тој едно време, како што знаете, беше многу угледен во новинарството, па потоа се занимава, со исто многу неаматерски, би рекол, со ликовната уметност. Така што тој креативен момент, кај него секогаш бил видлив и сега кога се оддаде на литературата, ова е веќе негова втора книга, се гледа како зрее тој писателски талент, поткрепен со неговото богато животно искуство и со неговиот стил и начинот на кој ги кажува приказните. Од една страна многу современ и модерен, од друга страна, интересно за читање, а од друга страна, глобоко, затоа што зборува за некоја дилемија што современот човек го напаѓаат,“ рече Прокопиев.
На промоцијата присуствуваше градоначалникот Дејан Проданоски, претставници од институции, од Друштвото за наука и уметност Прилеп, од новинарската фела и граѓани.
Емил Крстески е новинар, политиколог, прозаист и сликар, доктор по политички науки (меѓународни односи). Досега има објавено шест книги од областа на надворешната политика и меѓународните односи и две збирки раскази: „Три дена во Париз“, (преведена на српски јазик и промовирана во Нови Сад, во Шибеник и во Прага), и „Флик ен флак“. Има реализирано и три самостојни изложби, а учествувал на две групни изложби. Уште од гимназиски денови објавува поезија и проза во наши дневни и неделни весници и списанија. Бил надворешно-политички новинар и уредник во МТВ, во дневниот весник „Нова Македонија“ и во политичкиот неделник „Пулс“, дописник на ТАНЈУГ, државен советник за меѓународни односи и соработка во Кабинетот на Претседателот на Собранието на Македонија, директор на Државниот архив и наш вонреден и ополномоштен Амбасадор во Чешката Република, со седиште во Прага. Четири години живее во Стразбур, Франција, каде што ги следи сесиите на Европскиот парламент и три години во Њујорк, САД, каде што работи врз докторската дисертација.









