Информации што пристигнаа до редакцијата на Радио Кочани од наш сограѓанин укажуваат на наводна нелогичност при синоќешната мешана инспекциска контрола во дел од угостителските објекти во градот.
Според сведочењето, инспекторите најпрво се упатиле кон локал каде што се одржувала забава на која, како што се тврди, присуствувале и малолетни лица.
Меѓутоа, наместо да влезат и да извршат контрола, тие наводно се свртеле и продолжиле кон друго кафуле во близина, кое во тој момент било речиси празно.
Според информациите доставени до редакцијата, по нивното пристигнување во близина на првиот локал, малолетниците биле замолени да ја напуштат забавата, а просторот кој бил со гласна музика останал без инспекциска проверка.
Граѓаните кои ја споделија оваа информација со Радио Кочани изразуваат загриженост и прашуваат дали ваквите контроли навистина се спроведуваат со целосна одговорност, особено ако се земе предвид трагичниот настан во клубот „Пулс“ минатата година.
Во дописот се посочува дека во објектите постојат безбедносни камери кои, според сведоците, би можеле да покажат што точно се случувало во моментот на инспекциската контрола.
Граѓаните очекуваат надлежните институции да ги проверат овие наводи и, доколку се утврдат неправилности, да се утврди одговорност.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









