Министерството за транспорт склучи договор за изградба на дел од сообраќајната инфраструктура во Кочани, со што ќе се реализираат зафати на две значајни градски улици.
Според информациите, договорот е потпишан со компанијата „ОСД Кирил“ ДООЕЛ од Штип, која ќе ги изведува градежните работи. Проектот опфаќа изградба на дел од собирната улица „Никола Карев“, како и дел од градската магистрална улица „Новопланирана 1“, позната и како јужен булевар на влезот во градот од правец на Грдовци.
Вкупната вредност на договорот изнесува 117.414.152 денари, односно околу 1,9 милиони евра.
Со реализацијата на овој инфраструктурен проект се очекува подобрување на сообраќајната поврзаност и олеснување на пристапот кон овој дел од градот, што ќе придонесе за побезбедно и поефикасно одвивање на сообраќајот во Кочани.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









