По десет години пауза, се возобнови Прилепскиот дувачки оркестар. За тоа Општина Прилеп обезбеди логистичка и финансиска поддршка, согласно можностите и програмските активности на новообновениот дувачки оркестар, чии прв настап, оваа 2026 година ќе биде карневалскиот фестивал „Прочка 2026“
Програмската политика на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност, а дувачкиот оркестар – Прилеп станува дел од годинешната културна програма на Општина Прилеп.
Прилепскиот дувачки оркестар моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Своите проби дувачкиот оркестар засега ќе ги одржува во просториите на ООУ „Блаже Конески“. А, нивните активности ќе вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, на првата проба на дувачкиот оркестар само потврди дека Прилеп континуирано ќе продолжи да инвестира во културата. Притоа, тој не го криеше задоволството што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен, а пред се составен од млади, професионални музичари од Прилеп, кои одлучија да ја продолжат традиција долга еден век.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче. Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна музичка традиција.









