Обвинение против 13 полицајци за пожарот во ,,Пулс”

Оригинален линк на написот: Radiokocani.mk

 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска поднесе Обвинителен акт против 13 полициски службеници до Основниот кривичен суд Скопје, во врска со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани.

По спроведената сеопфатна истрага која опфати вкупно 27 полициски службеници, обвинителството утврди дека тринаесетмината се теретат за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

 

Според наводите на обвинителството, во периодот од 14 до 16 март 2025 година, обвинетите не постапиле согласно прописите за безбедносни мерки.

Иако спроведувале План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани, тие не извршиле проверка дали објектот ги исполнува сите законски услови и дали се почитуваат оперативните процедури за проценка на ризик.

Клучниот пропуст, според обвинението, се случил на 16 март 2025 година.

Дел од обвинетите, постапувајќи по планот за контрола во кабаре „Пулс“, не презеле мерки за заштита на присутните, ниту го спречиле активирањето на пиротехничка опрема на сцената – иако истата не била пријавена во ПС Кочани.

Како директна последица на несоодветните услови и употребата на пиротехника, избувнал пожар во кој животот го загубија 63 лица, а 223 се здобија со тешки телесни повреди.

Злоупотреба на службената положба и финансиски малверзации

Покрај ова, поднесен е и обвинителен предлог против девет полициски службеници за „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Истрагата покажала дека тие овозможиле кабарето „Пулс“ да добие лиценца за работа во 2022 и 2023 година без детални проверки, со што прибавиле значителна имотна корист за правното лице и за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен износ од над 600.000 денари.

 

Дополнително, тројца полициски службеници се гонат бидејќи при изготвување на записници за прекршоци, внесувале неточни податоци за одговорните лица, со намера да ги спасат од прекршочни постапки.

Запирање на истрагата за дел од осомничените

За седуммина од првично осомничените полициски службеници, јавниот обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка.

За дел од дејствијата преземени во периодот од 2012 до 2019 година е утврдено дека настапила застареност на кривичното гонење.

 

За останатите, обвинителството оценило дека нивните надлежности биле ограничени на јавниот ред и мир и сообраќајот, а не на противпожарната заштита, поради што нивните постапки не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на кобниот пожар.

 

За сите обвинети лица остануваат на сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката до одлука на надлежниот суд.

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Во СОУ „Ванчо Прќе“ од Виница следната година се отвора туристичко- угостителска струка

Општина Виница информира дека како резултат на потребите и барањата од локалниот бизнис сектор, желбите на учениците и заложбите на СОУ „Ванчо Прке“ – Виница, како и на локалната самоуправа и МОН – од учебната 2026/2027 година во тоа средно училиште ќе се отвори сектор „угостителство и туризам“ со образовен профил „угостителски техничар“. Главни иницијатори

Кочани го одбележува Меѓународниот ден на Ромите

Со низа активности, Општина Кочани во соработка со невладините организации „Авена“, „Анка“ и „Светла иднина“ ќе го одбележи 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.Одбележувањето започнува денеска, 7 април (вторник),  на спортското игралиште во ОУ „Раде Кратовче“, каде што ЗГ „Авена“ организира турнир во мал фудбал со учество на екипи составени од Роми и Македонци.

Во нејзиниот втор дом – Промовирани две книги на Дедова

Во Библиотеката „Искра“ во Кочани денеска беа промовирани две книги од Ана Дедова – „Ѕидот на сеќавањето“, посветена на нејзиниот починат брат, Дејан, и збирката поезија „Моќта на пријателството“. Дедова најчесто пишува за сопствениот живот, за своите чувства и емуции. Нејзините стихови се директен одраз на нејзината реалност, а нејзиното поетско творештво претставува емотивен, автобиографски