Семејството Јорданови и ЦК „Бели мугри“ подготвуваат проект од културата во чест и за спомен на Сара Јорданова, средношколка во кочанската Гимназија, која почина во трагедијата во „Пулс“ од 16 март минатата година.
Станува збор за хуманитарна групна ликовна изложба насловена „Трага во бесконечноста“, со поднаслов „За децата, за животот, за трагата“.
На изложбата ќе има поставка од дела насликани од Сара и од нејзината мајка Лидија Јорданова. Ќе можат да се купат репродукции од овие слики.
Исто така, ликовни уметници од градот и од различни делови на државата имаат најавено учество на оваа изложба со свои слики. Сеуште има време да се приклучат сите што имаат желба за учество. Се предвидуваат и други содржини…
Изложбата „Трага во бесконечноста“ ќе биде поставена во салонот на спратот во ЦК „Бели мугри“. Отворањето е предвидено за 27 февруари во 18,30 часот. Изложбата, која ќе има продажен карактер, во салонот на кочанската Национална установа ќе престојува до 6 март.
Средствата се наменети за деца без родители.
Уметноста зборува каде зборовите замолкнуваат – гласи пораката што ќе биде испратен од овој хуманитарен настан од културата посветен на Сара Јорданов, која во својот краток живот се бавеше и со музика. Таа беше член на првиот состав на бендот „Корка“, свиреше на тапани.
Сликаше за своја душа, креативец. Така ја опишуваат блиските од нејзиното опкружување.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









