Подобрување на водоснабдувањето и намалување на трошоците за струја – цели за поквалитетни услуги од КЈП „Водовод“
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, денеска изврши увид во тековните активности за чистење на бунарите во Грдовски Орман, од каде што се обезбедува водата за пиење што ја дистрибуира КЈП „Водовод“ и оствари средби со раководни и стручни служби од кочанското комунално претпријатие.
Со чистењето на бунарите се очекува значително подобрување на капацитетот на водоснабдителниот систем, зголемување на протокот на водата, како и поголема севкупна ефикасност на системот. Овие активности се дел од пошироките напори на Општина Кочани за стабилно и квалитетно водоснабдување на граѓаните.
Градоначалникот Грозданов информираше дека паралелно со тековните зафати се прават и стручни проценки за отворање нови бунари, со цел зголемување на водните капацитети, особено во периоди на зголемена потрошувачка.
– Чистењето на бунарите во Грдовски Орман е неопходен чекор за да обезбедиме подобар и посигурен доток на вода за нашите сограѓани. Истовремено, работиме и на долгорочни решенија – нови бушотини, но и оптимизација на трошокот за електричната енергија што се користи за пумпање на водата од бунарите до Фабриката за вода – изјави градоначалникот Грозданов.
Тој посочи дека месечната сметка на КЈП „Водовод“ за електрична енергија изнесува околу 3 милиони денари, поради што Општината разгледува можности за користење алтернативни извори на енергија, со цел да се намалат трошоците и да се зголеми енергетската ефикасност.
– Нашата цел е одржливо и економично водоснабдување, со помали трошоци за јавното претпријатие и поквалитетна услуга за граѓаните на Кочани – додава градоначалникот.
Ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, со фокус на модернизација и унапредување на водоснабдителната инфраструктура.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









