На 11 јули, во 20:00 часот, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, ќе биде отворена изложбата „Порти кон бескрајот“ – третата самостојна изложба на прилепскиот архитект и уметник Илија Кочоски, личност која децении наназад твори тивко, но оставила силен белег врз јавниот простор на Прилеп. Од некогашната фонтана „Кај волната“ (каде што е денес фонтаната на Итар Пејо), па сè до препознатливата фонтана „Раце“ кај хотел „Скопје“, многу од обележјата на Прилеп носат негов потпис.
Изложбата е поделена во два целини, поврзани според мотивите. Првиот дел е составен од 13 слики, од кои 12 реферираат на бројот на апостолите, а тринаесеттата – насловена „Коловрт“ – го претставува Исус Христос. Инспирирани од Тајната вечера, овие дела користат богата палета и материјали со длабока симболика: бакарна фолија (како куполите на балканските цркви), сребрена боја (како старите тави и тепсии), дрвени резби и позлатени клинци – препознатливи елементи од македонските порти и црковната уметност.
Вториот дел содржи седум дела кои, како што вели самиот уметник, се обидуваат да го отворат прашањето за божественоста на човекот, за просторот, времето и еволуцијата. Тоа се слики што не опишуваат реалност – туку предизвикуваат немир, интроспектива, прашања.
Овие слики не се насликани за да ја слават убавината на природата – за тоа постојат фотоапарати и други изразни средства… Овие слики треба да внесат немир во душата, да го натераат гледачот да размислува… да створи вруток – коловрт од прашања, вели Илија Кочоски.
Создадени во периодот 2013–2014, делата не се изложени досега и за првпат се прикажуваат во јавност. Уметничкиот свет на Кочоски излегува од тишината – и носи во себе нешто древно, нешто духовно, нешто што личи на обид човекот да се доближи до недофатливото.
Како што самото име на изложбата најавува – ова се порти, отворени кон бескрајот во свет на визија, симболика и вечни прашања.
Илија Кочоски е роден во 1950 година во Прилеп. Образованието го стекнува на Архитектонскиот факултет во Скопје, а уметничката основа ја гради и преку лични патувања низ музеите и галериите во Италија и Франција. Работниот век го поминал како архитект инженер во Мермерениот комбинат во Прилеп. Од некогашната фонтана „Кај волната“ (каде што е денес фонтаната на Итар Пејо), па сè до препознатливата фонтана „Раце“ кај хотел „Скопје“, многу од обележјата на Прилеп носат негов потпис.