Новинарството во Македонија поминува низ значајни предизвици во последните години, што се одразува и на намалениот број студенти на факултетите за новинарство. Причините за овој тренд вклучуваат намалена доверба во медиумите, економски несигурности во професијата и зголемена конкуренција од новите дигитални медиуми.
Локалното новинарство во Прилеп „на колена“
Прилеп, еден од поголемите медиумски и новинарски центри во Македонија денес ја губи битката во информативниот простор. Пионерските чекори од осамостојувањето на државата со отворањето на една од првите телевизии во Македонија „Независна телевизија Прилеп“, првото приватно радио „Радио Соник“ , во градот со традиционално голем интерес за новинарството како професија, со најмалку 20 дипломирани новинари, денес се соочува со голем предизвик – опстој на локалните медиуми, новинарската професија да биде достоинствна и почитувана професија, атрактивна за младите.
Во Прилеп згаснуваат локалните медиуми, а нема интерес за подмладок во новинарската професија во веќе постоечките радија и локалниот неделник Зенит. По затворањето на ТВ Канал Визија веќе 6 години во Прилеп нема локална телевизија, а од почетокот на годинава се угаси и локалното Радио 5. На една рака се бројат новинарите кои следат дневни локални настани. Но и големите национални ТВ медиуми Прилеп не го ставаат во дописничката мрежа. Само МРТВ и две комерцијални национални ТВ: Сител и Алфа го покриваат регионот со новинари и камермани.
На што се должи ваквата состојба и како со новинарската професија да се привлечат младите?
Анета Цветаноска е најмладата колешка која работи во локалното радио Холидеј како водител и новинар. Таа решението го гледа во „законски измени, одредени гаранции од државата и општината за опстанокот на локалните медиуми со што би се обезбедиле економска сигурност, повисоки плати на медиумските работници,“ вели Цветаноска.
За да се привлечат младите во новинарството треба повисоки плати и сигурна иднина
Сегашните услови во кои функционира новинарството се: еден вработен да извршува повеќе задачи во медиумот, што пак влијае на квалитетот на работата, а со тоа и на квалитетот на информациите кои ги добиваат граѓаните. Доколку не се направат покрупни чекори за поддршка на локалното новинарство, во иднина можеби и ќе нема локално новинарство.
За да се привлечат младите при изборот на професија во новинарството најпрво треба да се подобри сегашната состојба во веќе постоечките медиуми. Сликата која ја гледаат и која веќе долго им е позната не им гарантира сигурна иднина. За опстанок на локалните медиуми потребни се законски измени кои ќе овозможат менаџирање, непречена работа на медиумите и медиумските работници и кои ќе гарантираат заштита на нивните права.
„Со намалениот интерес за новинарството не губи само фелата, туку уште поважно – губат граѓаните,“ вели Каролина Дурло, новинарка со над 3 децении искуство во повеќе медиуми, денес дописник на ТВ Алфа од Прилеп. Повеќегодишната битка за повисок стандард, за пристојни услови и плати веќе ги измори новинарите кои ја напуштаат професијата :
Уништувањето на локалните медиуми, го урниса новинарството како професија
Ако некогаш важеше паролата дека локалните медиуми се расадникот на новите професионални новинари, што беше и неприкосновена вистина, денес, со полно право, но и оправдана загриженост можеме да констатираме дека уништувањето на локалните медиуми, комплетно го урниса новинарството како професија. Во Прилеп, кој беше еден од пионерите во освојувањето на медиумскиот простор, состојбата е повеќе од очајна. Таа е катастрофална. Останати се само неколку приватни радија кои жилаво се борат за и тие да не го стават катанецот, локалната ТВ веќе 6 години ја нема, единствениот печатен неделник дише на шкрги, а интернет-поратлите, кои најчесто се „човек-медиум“, мака мачат да бидат професионални. Просечната возраст на неколкуте се’ уште активни новинари е 55 години, а нов кадар – нема ниту за лек. Ужас без крај од кој придобивка имаат само новопечените политички функционери кои ете, стануваат и новинари, па лично објавувајќи си по социјалните мрежи само она што ним им оди во прилог, бескрупулозно го „осакатуваат“ народот во восприемањето на вистината.
Доколку продолжи овој тренд на осмислено уништување на локалните медиуми, за брзо време ќе нема ниту кој да пишува, ниту кој да прашува. Информативниот мрак ќе ја покрие светлината на вистината.
Се’ додека заедницата, локалната и државната, еснафските здруженија, бизнис-секторот не станат свесни дека новинарството без нивната поддршка и соодветна професионална почит не може да опстане, новинарството секојдневно тивко ќе продолжи да си умира на очиглед на сите.
„Новинарите не продаваат басма, па да ја продаваат на метро, туку креираат јавно мислење, презентираат состојби, се конфронтираат, неретко заради туѓи интереси и продобивки…А тоа си има цена, која во никој случај не смее да остане во рамките на мизерна социјална помош. Во спротивно, ќе треба да почнеме да им ја градиме гробницата и на локалните медиуми, и на новинарството како професија воопшто. Маргинализирани и понижени, уценети и притиснати, новинарите ќе мораат да го положат „белото знаме“. И не од што сакаат или од што се плашат, туку од замор и од достоинство, “ посочува Дурло.
Потребно е цврсто заедништво во новинарската фела
Доволно новинарите дозволија да се симне кредибилитетот на професијата, кои, пак, имаат свое оправдување што се сведени на „преживување“, вели Елизабета Митреска е долгогодишна дописничка на МРТВ.
„На локалното новинарство му треба гласност и од самите новинари и поддршка од заедницата. Новинарите сложно да се спротивстват на притисоци, ама пак без решавањето на „статусот“ на институционалните портпаролски служби кои им се дозволува да „изигруваат“ новинари, не може да се обноват темелите на новинарската фела. А тоа бара законски рамки. Се отвора круг на надлежност: Кој да го направи тоа? Треба воспоставување правила од врвот на државата, па до локалната сфера. Не може секој „да глуми“ новинар. За поголеми постигнувања, потребно е цврсто заедништво во новинарската фела,“ посочува Митреска.
Локалното новинарство во „слободен пад“ со многу предизвици
Стратешка рамка за развој на локалните медиуми; длабоки резови за поголема контрола на интернет просторот, создавање услови во локалните медиуми за подмладување на професијата, сериозна посветеност на образовните институции за доближување на медиумската писменост до граѓаните, особено до помладите, до учениците уште од основното образование – ова се забелешките и препораките од прилепските новинари за опстој на медиумите и локалното новинарство не само во Прилеп, туку и во Македонија воопшто. Реалноста е многу лоша, а иднината не ветува многу. Светот на медиумите денес е директно зависен од информатиката и дигитализацијата и се обидува да се справи со новиот предизвик од 21 век – вештачката интелегенција, додека за локалните медиуми во Македонија сеуште важат конвенционалните правила од 20 тиот век.
Новинарството во Кочани е примамлива, но неатрактивна професија. Колку од ангажираните се млади, а колку жени ?
Од година во година, новинарството е сѐ понеатрактивна професија, особено во источниот дел од земјава, за што безусловно говори и фактот што минатата година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имало запишано само 4 студенти. Дел од професорите со кои „Радио Кочани“ стапи во контакт велат дека овој тренд се движи во надолна линија, бидејќи денеска буквално секој може да биде новинар, без разлика дали и каков факултет завршил, па дури и луѓе кои немаат високо образование. Истовремено, ниските плати и лошите услови за работа, брзиот развој на социјалните мрежи, кои имаат влијание врз традиционалните медиуми, се клучот на одговорот зошто новинарстовото е таму каде што е денес. Младите новинари кои денеска ги има сѐ помалку во редакциите, поради нерамноправноста и ниските плати се одлучуваат на било каква друга работа. На оваа тема поразговаравме со студентот по новинарство Драган Николов, кој работи во локална редакција, а еден период и во дејности кои немаат никаква поврзаност со новинарството.
Во Кочани, во моментов егзистираат три електронски локални медиуми и неколку портали. Колку што можевме да истражиме во сите нив, (кажано народски), лебот го вади само една новинарка Ангела Димитрова Митевска. Останатите новинари и медиумски работници се мажи. Со појавата на онлајн медиумите и веб-порталите, речиси секој станува новинар. Тоа доведува до губење на основната функција на значењето – новинар. Оваа професија е доведена и сведена на хоби, каде што секој може да отвори свој портал и да стане новинар. Затоа, час поскоро треба да се изнајде начин и да се стави крај за влез на нови медиуми и таканаречени новинари во оваа дејност. Слободата на изразување е битен сегмент во секојдневното живеење, но сето тоа да се регулира според постоечките законски прописи, како впрочем што се регулирани традиционалните медиуми, кои поради високите давачки кон регулаторите, не можат веродостојно да им исплаќаат плати на новинарите и медиумските работници.
Еколошко новинарство:
Историјата на еколошкото новинарство во Македонија започнува недка во средината на ‘90тите се формираше првата ГО за еколошко новинарство позната по името Новинарски еколошки центар. Имав среќа и чест да бидам еден од основачите на истото, заедно со Мања Иванова и Катерина Богоева…И се чини дека се започна и заврши тогаш! За жал…После тоа неколку граѓански организации се обидуваат и прават тренинзи, ги мобилизираат новинарите околу идејата за еколошко новинарство, но лошата поставеност на новинарите, ниските плати и честата флуктруација на истата од една во друга редакција права да немаме еколошки новинари, или подобро кажано новинари на кои заштитата на животната средина им е единствана работна задача. Една од причините за тоа е што многу кој медиум има посебна редакција или специјализирани страни кои се однесуваат на животната средина. Втор и најгорчлив проблем е што немаме едуцирани новинари да ја третираа оваа проблематика која се почесто станува број еден во светот. И трето, никој не ги сфаќа сериозно еколошките новинари кај нас, не ги поддржува ниту пак ги кани на меѓународни случувања со предзнак екологија. Во последниве дваесетина години колку што ја следам оваа рубрика, не сум сретнала новинари да ги следат случувањата на било кој COP (Конференција на ОН за клима), односно доаѓаат само ден два и тоа кога некои од нашите лидери ке дојдат да прочитаат или кажат што имаат и си заминуваат. Во меѓународните организации за еколошки новинари ревијално се појавува некои име од Македонија, но најчесто станува збор за „туристички работници“ кои доаѓаат да се прошетаат, зад себе без медиум и кои потоа исчезнуваат од медуимската сцена!
Чаре?
Ни требаат ли еколошки новинари, и што всушност тоа би значело за македонскиот медиумски простор?
Земајќи го во предвидот значењето на еколошките предизвици, како што се загадувањето на воздухот, загадувањето на водите и загадувањето на земјиштата, еколошките новинари треба да одиграат критична улога во објаснување на овие проблеми и јавување на јавноста за нивните последици и потребата за акција. Во Македонија, каде што еколошките предизвици се значителни, аналитичките новинари имаат можност да ги истражат и објаснат комплексните аспекти на овие проблеми, да ги поддржат граѓаните и владата со цел да се вовлечат во одржливи решенија и да влијаат врз јавното мислење и политиките.
Но, од она како стојат работите во реалноста тоа во скоро време тешко дека ќе се случи. А причини за тоа има многи. Новинари за човекови права, ГО која ги собира еколошките новинари и која е канцеларија на меѓународната асоцијација на еколошки новинари од цел свет, ГРИНАКОРД, неодамна направи истражување на тема колошки новинари. Од скенирањето на ситуацијата ние сме единствена држава во регионот која што нема едукатива радио или ТВ емисија за живостната средина и предизвиците со кои се соочува. Во само еден дневен весник до неодамна имаше специјализирана рубрика еднаш неделно, но и тоа повеќе не постои. Темите за животната средина се третираат ад хок и само кога има некој скандал, кога има приказна за „крв“ и лајкови на социјалните мрежи. Од зборовите кои најчесто се користат е зборот „вода“, „клима“ и верувале или не „митигација“, но кога новинарите ќе ги прашате што тоа конкретно значи, верувале или не одговорот е како за на скриена камера – јас само пренесувам, соговорникот така изјави„
Ова е доволно приказна да се запрашаме што тоа значи за нашиот аудиториум, особено што заштитата на животната средина, како и климатските промени сатнуваат дел од секојдневието на кои обичниот граѓанин треба да им се спротивстави. Но, за да успее во тоа треба некој да му пренесе, да го научи, а тој мост треба да е токму новинарот, оној со предзнак еколошки. Така барем не учеа на факултет!
Тоа што не етака и неме ни чуди, особено што сега има се во новинасрката фела, освен новинари. Но, да се обидеме и оние што ги има, барем малку да ги обучиме како да станат еколошки и да имаат позитивен импакт врз аудиторимот кој е жеден за вакви теми.
Новинари за човекови права како иницијатор на идејата еколошките новинари да влезат во номенклатурата на позеленети работни места истражуваше кои се последиците од немањето еколошки новинари и кои треба да бидат првите чекори за санација на направената штета. Прво, немањето на еколошки новинари во Македонија има значителни последици за јавноста и заштитата на животната средина. Овие новинари во секоја нормална држава би биле од исцрпна важност за истражување и извештај на еколошките проблеми кои влијаат врз населението и природните ресурси во земјата. Без нив, граѓаните губат извор на информации за еколошките предизвици, како и за потребата за одговорни дејства и законодавство за заштита на животната средина.
Второ, еколошките новинари треба да играат клучна улога во разоткривање на неправилности и корупција поврзани со управувањето на животната средина. Тие треба да бидат важен механизам за набљудување и обелодување на несоодветни практики во индустријата и владините институции, што би ја засилало транспарентноста и одговорноста во оваа област.
Сепак, треба да се има предвид дека еколошките новинари треба да бидат обучени и компетентни за да ги истражат и објаснат сложените еколошки проблеми, како и за да се справат со потенцијалните предизвици и притисоци од страна на владините институции и корпорации. Апелот е исто така за поддршка од страна на медиумските куќи и за воведување на механизми за заштита на нивната независност и интегритет.
Ова наведува на заклучокот дека дополнителната едукација е критична за еколошките новинари. Тие треба да разбираат комплексните науки за животната средина, како и принципите на новинарство и комуникација, за да можат да ги истражуваат и известуваат за еколошките проблеми со прецизност и разбирливост. Воедно, дополнителната обука треба да им помогне да ги разберат законите и регулациите поврзани со животната средина, како и да се справат со техничките аспекти на истражувачкото новинарство.
Еколошките новинари версус позеленети работни места
Што се однесува до тоа дали еколошките новинари треба да бидат класифицирани како “зелени работни места”, тоа би можело да биде корисно за нивното признавање и заштита на нивните права и стандарди во работната средина. Зелените работни места се поврзани со индустрии и професии кои ги спроведуваат принципите на одржливост и заштита на животната средина. Според тоа, еколошките новинари можат да бидат вклучени во оваа категорија поради нивната улога во објавување на информации и анализи кои ги поддржуваат одржливи и еколошки придружници.
Еколошките новинари играат критична улога во информирањето на јавноста за еколошките проблеми и застапувањето на одржливоста и напорите за заштита. Тие се потребни пред се за подигање на свеста меѓу аудиториумот, подготвување на истражувачки стории, за поврзување на науката и општеството и нудење на решенија. Низ светот, таканаречената граѓанската наука е она од што треба да се учи, притоа мислејки на процесот каде што обичните граѓани се вклучуваат во научни истражувања и прибирање на податоци како дел од активното учество во процесот на истражување. Ова вклучува аматерски научници, новинари, обични луѓе и заинтересирани групи кои прибираат, анализираат и интерпретираат научни податоци, обично под надзор и со упатствата на професионални научници. Граѓанската наука може да се одвива во различни области на науката, вклучувајќи ги екологијата, астрономијата, биологијата, климатологијата и други. Оваа форма на соработка помага во зголемувањето на пристапноста на научните истражувања, подобрува квалитетот на податоците, и ги вклучува граѓаните во научниот процес.
Еколошките новинари треба да бидат квалификувани како зелени работни места поради нивната улога во просветлување и информирање на јавноста за еколошките предизвици, иновации и решенија. Еколошките новинари играат клучна улога во откривањето, известувањето и анализирањето на најновите развој на полето на животната средина и одржливоста.
Во историски контекст, еколошките новинари го поврзуваат еколошкиот активизам со медиумите и го поттикнуваат дијалогот за одржливоста. Со целосно разбирање на проблемите и можните решенија, новинарите во овој сектор мораат да бидат добро информирани и обучени за да можат да ги проучуваат историите и да ги пренесуваат на јавноста со високо ниво на прецизност и објективност.
Следствено, квалификациите на еколошките новинари се важни за да ги обезбедат потребните вештини и знаења за да ги покријат овие комплексни теми и да ги осигураат релевантните информации за јавноста. Така, еколошките новинари се важни актери во подигањето на свеста и стимулирање на дебата за одржливоста и заштитата на животната средина.
Профилот на еко-новинарот
Што се однесува до профилот на еколошките новинари, тие идеално треба да поседуваат комбинација на новинарски вештини и знаења за животната средина. Но, она што е најважно е треба да бидат заинтересирани за природата и за заштита на животната средина. Нивниот ентузијазам за еколошките теми може да ги натера да следат важни приказни и да застапуваат позитивни промени. Во целост, еколошките новинари играат животна улога во обликување на јавниот дијалог, влијаење на политичките одлуки и одгледување на понатамошна перцепција перцепција за природата.
Недоамна учествував на конференција поврзана со комуникацијата за животната средина… Говорејќи на оваа тема, имам впечаток дека сме многу позади. Во секојдневниот развој на еколошките проблеми, комуникацијата стои како камен-темел за поддршка на свеста, мобилизирање на акција и предизвикување на промени. Новинарите, како раскажувачи на нашето време, имаат огромна моќ во обликувањето на јавното мислење и влијаењето на политичките одлуки што се однесуваат на животната средина.
Задачата на новинарот е преку убедливи раскази да има способност да ги истакне актуелните еколошки проблеми, од климатските промени и дефорестацијата до загадувањето и уништувањето на животниот станишта. Преку ставањето на овие проблеми во прв план на јавната свест, новинарите можат да ја катализираат колективната акција и да го поттикнат барањето за одржливи решенија.
Истражувачкото новинарство треба да одигра критична улога во откривањето на еколошките несправедливости, корпоративните неправилности и владините немарности. Преку откривањето на одговорноста на моќните преку строга прегледност и разобличување, новинарите можат да ги натераат институциите и индустриите да усвојат појасни и еколошки одговорни практики.
Ефикасната комуникација поддржува дијалог меѓу заинтересираните страни, вклучувајќи ги креаторите на политики, научниците, активистите и општествената јавност. Преку обезбедување на платформи за информирани дискусии и дебати, новинарите можат да ги премостат разликите во разбирањето, да ги разобличат дезинформациите и да го култивираат чувството за итност околу еколошките проблеми.
Од друга страна, пак, не смееме да го заборавиме локалното новинарство кое што им овозможува на заедниците да преземат одговорност за еколошките предизвици и решенија. Преку зголемување на иницијативите на базата на заедницата, прикажување на успешни приказни и обезбедување на ресурси за ангажман на граѓаните, новинарите можат да ги регистрираат значајните промени на базата на заедницата.
Истражувачките новинарски приказни и застапувањето може да влијае на политичките дневни ангажмани и да ги поттикне законските реформи. Преку обезбедување на инсајтите базирани на докази и зголемување на гласовите на експертите, новинарите можат да ги притиснат креаторите на политики да ги спроведат законите кои ќе влијаат вра заштитата на животната средина и одржливоста.
Новинарството со предзнак еколошко може да ги прослави и да ги промовира иновативните решенија и напредокот кон подобра одржлива и резилиентна иднина. Преку фокусирање на технолошките напредоци, социјалните иновации и успешните напори за конзервација, новинарите можат да ги инспирираат надежта и да мотивираат дополнителните акции.
Со еден збор, ефикасната комуникација, предводена од еколошките новинарите, е неопходна за подигање на свеста, промена на политиките и заштита на животната средина.
———————————————————————
Сторијата е направена во рамки на проектот „Зајакнување на информацијата: Колаборативен центар за квалитетно новинарството во Северна Македонија”, подржан од Програмата #SustainMedia, кофинансирана од Европската Унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој. Неговата содржина е единствена одговорност на „Пела радио“ и не мора да го одразува ставот на ЕУ или на Федералното Министерство за економска соработка и развој
Автори:Гордана Цветаноска, Наташа Доковска и Илчо Лазаровски