Професионални пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) и доброволците од Добрововолното противпожарно друштво-Кочани на 16 март 2025 година учествуваа во гаснењето на пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Професионалците и доброволците сплотени и единствени спасија и голем дел од повредените млади луѓе.
Една година по трагедијата во Кочани во која згаснаа 63 животи, а над 200 млади луѓе беа повредени, дел од лекциите во делот на превенцијата за да не се случуваат вакви трагедии се научени, смета Златко Илијев од Доброволното противпожарно друштво. Златко беше меѓу првите што реагираше дека пожарот во дисокотеката „Пулс“ во првиот момент кога се запалил таванот се гаснел со погрешни ПП апарати и немале ефект во гаснењето на огнот.
-Мислам дека во тој дел-да, се промени. Значително се видливи ПП апаратите, во секое ќоше на сите угостителски објекти и во било какви малопродажни бизниси и останати фирми. Така да, мислам дека во тој дел, во тој поглед имаме направено еден голем исчекор. Редовно се сервисираат, редовно се набавува противпожарна опрема, е сега дали тоа во иднина ќе даде допринос за едно посигурно живеење-доправа ќе видиме, вели Илијев, претсеател на ДПД Кочани.
Тој посочува дека по една година зголемен е и бројот на млади волонтери пожарникари. Во моментов имаат од 25 до 30 доброволци пожарникари, кои секојдневно учествуваат во гаснењето на пожарите на отворено, но и низ населените места во Општините :Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево.
-Бројот варира од 25 до 30 членови. Единствено радува фактот што на ланскиот повик се пријавија доста млади луѓе. Така да, може да се пофалиме со подмладена интервентна единица. Секако, тие деца се под наше менторство. Ние имаме повеќе годишно искуство и го пренесуваме нашето искуство на нив. Значителни структури во промените на друштвото и делувањето нема. Така да на таа здрава основа се темели денешното работење, изјави Илијев.
Тој додава дека веднаш по трагедијата и професионалците пожарникари и доброволците пожарникари ја добиле психолошка поддршка.
-Да, имавме и се уште имаме отворена понуда за психолошка помош. Уште на самиот почеток имавме. Јас лично имам да кажам дека нашите членови се на едно завидно ниво, присебни се. Немаме забележано дека има промена во одредено однесување, но дека сето тоа оставило трага –оставило. Лично за мене, еве јас говорам за пожарот, меѓутоа со доза на резерва, преовладуваат емоциите и мислам дека тоа е многу нормално и многу човечки.
Затоа што ваквата е незапамлива на овие простори и ние во ова четиригодишно искуство, така млади и кревки во оваа работа, видовме премногу за овие четири години. Факт е дека тоа ќе остане да тлее. Е сега, многу е важен моментот дали тоа ќе го преточиме во искуство да не ни се повтори или ќе оставаме, ќе се повлечеме да живееме со тоа и да таа тага не гуши се до моментот кога и ние нема да бидеме на овој свет, рече Илијев.
Во изминатата година бројни донации пристигнаа за Доброволното противпожарно друштво и за ТППЕ-Кочани. Златко забележува дека Доброволното противпожарно друштво во овој момент располага со седум возила кои се специјализирани за секакви видови на интервенции, односно гаснење на пожари на отворено и во објекти, како и при интервенции во сообраќајни несреќи. Илијев упати благодарност до сите амбасади и донатори кои помогнаа во набавката на возилата, но и во заштитната опрема за пожарникарите, кои имаат заштитата од одела, шлемови и чизми за секакви видови на пожари.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









