Во 19:00 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19:00 часот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија (ОИК), но не отпочнува со броење на гласовите пред 19:00 часот.
Во вториот изборен круг за градоначалник се гласаше во главниот град и во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Право на глас во вториот круг на изборите имаат 1 013 375 гласачи. Од нив право на глас во Град Скопје имаат 474 304 избирачи. Во главниот град во општините Центар, Аеродром, Карпош имаше две ливчиња за гласање бидејќи се избираше градоначалник на Скопје и на локалната самоуправа, додека во Шуто Оризари на три гласачки места се гласаше за градоначалници и имаше прегласување и за советници. Во останатите општини се гласаше само за градоначалник.
На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16.
Изборите ги следеа 1 598 меѓународни и странски набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.









