Подружницата „Брегалница“ на АД „Водостопанство на Македонија“ подготвено го дочекува почетокот на наводнителната сезона, изјави за Радио Кочани, Горан Зашов, директор на кочанското водостоопанско претпријатие кое стопанисува со хидромелиоративнот систем „Брегалница“.
Исчистени се над 150 километри земјени и 20 километри бетонски канали за наводнување за да може каналската мрежа нормално да функционира.
-До 15 април ќе бидеме потполно подготвени да ги испорачаме бараните количини вода од водокорисниците. Според најавите на земјоделците, наводнувањето најпрвин ќе го започнеме на површините во Оризари. Тоа ќе се случи на 8. или на 15. април, во зависност од тоа кога тие ќе бидат спремни за сеидба. Наводнувањето на површините во Кочанско би требало да започне на 20 април. Во Оризари и Кочанско стартуваме со зафаќање на проточните води од реките и речните корита. Системската вода од браната „Калиманци“ очекуваме да биде вклучена во наводнувањето после 25 април, информира Зашов.
Според него, навреме е саниран главниот темелен затварач на „Калиманци“, исчистен е „Ободниот“ канал од Бање до Жиганци, како и „Бугарскиот“ канал на потегот од Брегалница до Чешиново.
-Кочанска Река е исчистена од наноси од Облешево до градот, Оризарска од Мојанци до Оризари, Зрновска од уливот во Брегалница до Зрновци, регулирано е коритото на Брегалница помеѓу селата Кучичино и Чифлик, како и т.н. „Блато“, односно каналот помеѓу Долни Подлог и Кочанска Река.
-Од 1 октомври до денеска на терен секојдневно работиме со 3 или 4 градежни машини, така што десниот магистрален канал од хидросистемот и деталната каналска мрежа се доведени во состојба нормално да ја извршуваат својата функција – дистрибуција на вода, децидно изјави директорот на Подружницата „Брегалница“, Горан Зашов.
Според планот за наводнување , предвидени се вкупно 4200 хектари под ориз – 3600 во регионот на Кочани и 600 хектари во Светиниколско.
Освен површините под ориз, од ХМС „Брегалница“ вода ќе добијат уште 3000 хектари други култури: пченка, луцерка, лозови насади… Таму наводнителната сезона ќе започне на 1 јуни.
Акумулираната вода во браната „Калиманци“ во моментов е близу до максимумот. На располагање на земјоделците од источниот дел на Македонија им стојат 110 милиони кубни метри вода. Останатиот простор до максимумот од 120 милиони кубици, секогаш се остава непополнет, поради евентуален „ударен бран“, односно брз наплив на поголеми количини вода во акумулацијата.
Интересно е што на десетина дена пред стартот на наводнителната сезона, само 300 водокорисници од евидентираните околу 7 000 склучиле договори со Подружницата „Брегалница“, велат податоците на претпријатието, што не значи дека оние без договри нема да добијат наводнување.
Во односна на платата на водениот надоместок, во случајов, земјоделците се поажурни. За 2025 година од од фактурираните 35 милиони денари, платени се близу 70 отсто.
Подружницата на АД „Водостопанство на Македонија“, „Брегалница“ – Кочани, во наредниот период ќе работи на чистење на левиот магистрале канал, од каде наводнување добиваат површини што не се под ориз. Оваа активност треба да биде завршена најдоцна до 1 јуни годинава.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









