По повод 18 Мај – Меѓународен ден на музеите, учениците од петто одделение од ООУ „Кочо Рацин“ од Блатец стекнаа несекојдневно и едукативно искуство, посетувајќи го археолошкиот локалитет Русалински гробишта во село Виничка Кршла, каде што непосредно присуствуваа и симболично учествуваа во археолошко ископување.
-Оваа теренска посета беше реализирана со цел учениците одблиску да се запознаат со значењето на археологијата, културното наследство и зачувувањето на историските вредности. На локалитетот, стручната екипа од Музеј „Теракота“ во текот на месеците април и мај активно вршеше археолошки истражувања и ископувања, при што учениците имаа можност директно да го следат процесот на работа на археолозите, велат од музејот од Виница.
Низ интересно и интерактивно дружење, учениците научиле како се врши археолошко ископување, на кој начин се откриваат и документираат пронајдените предмети, како и тоа колку е важна прецизноста и трпеливоста во работата на археолозите. Стручните лица им објасниле дека секој откриен артефакт претставува значаен дел од минатото и непроценлив извор на информации за животот, традицијата и културата на луѓето кои живееле на овие простори во минатото.
-Особен интерес кај учениците предизвикаа самите археолошки наоди и можноста одблиску да ги видат алатките и методите што се користат при истражувањата. Тие со големо внимание ги следеа објаснувањата на археолозите, поставуваа прашања и покажаа искрена љубопитност и восхит кон оваа значајна научна дејност, соопштуваат од Музејот „Теракота“.
Посетата поминал во пријатна и работна атмосфера, исполнета со нови сознанија, дружење и практично учење. За учениците, според стручните луже на виничкиотмузеј, ова претставувало незаборавно искуство преку кое не само што се стекнати нови знаења, туку и се развива поголема свест за значењето на зачувувањето на културното и историското наследство.
-Со ваквите активности нашиот музеј и училиштето ги поттикнуваат учениците кон истражување, учење преку непосредно искуство и развивање љубов кон историјата, културата и науката, се наведува во денеска објавеното соопштението од Музејот „Теракота“ од Виница .
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









