Во петок 12 септември ао почеток од 18.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Украс“ од уметницата Марјана Костојчиноска Узунчева. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата „Украс“
Најновиот креативен подвиг на ликовната уметница Марјана Костојчиноска Узунчева отелотворен во комплексната и интерпретативно повеќеслојна просторна инсталација насловена „Украс”, отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества. Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија и симболика. Во централниот дел, доле на подот, како елемент на инсталацијата кој е замислен како условно статичен, поставени се мноштво кристални, утилитарни и декоративни предмети, главно вази со различна форма и големина, послужавници украсени со хеклани милеа и помали садови со различна намена во домаќинството. Тие на некој начин ја трасираат патеката на движење на гледачот, создавајќи интерактивна, имагинарна траекторија која како да води низ некаков невидлив лавиринт полн со препреки и неочекувани изненадувања… Вториот дел, условно мобилен – се состои од повеќе хеклани / плетени чаршафи и милеа и класични завеси кои висат / лебдат во просторот налик на распнати бели едра. Едра на некој имагинарен брод кој за жал не плови никаде, или би можел, кога би имало поволен ветер… Како главен дел од овие висечки текстилни варијации монтирани на тенки дрвени даски кои треба да асоцираат на корнизи, во централниот горен дел од композицијата се обесени чаршафи за маса, со поголема димензија на кои е испишан текст – „Послужи/ме” (кој е двозначен, замислен како игра на зборови…) и „Одма” кои кореспондираат и се во директна корелација со послужавниците поставени на подот, како и зборот „Украс”, кој всушност го претставува јадрото, односно есенцијалниот наративен дел на приказната која авторката ни ја пренесува.
Според неа – „Во суштина сѐ се врти околу овие два збора, особено зборот „Послужи/ме“ и насловот на инсталацијата „Украс“. Се работи за збор кој дирекно дава наредба, да се послужи кафе, да се послужи јадење, да се послужи слатко.
Но, исто така може да значи и некој или нешто да послужи за некоја цел, да „послужи“ за пример. И во двата случаи се работи за искористување или употребување. Во конкретниов случај се работи за жената во општеството во кое живее.
За умeтницата:
Д-р Марјана Костојчиноска Узунчева дипломирала на ФЛУ Скопје – отсек графика.
Досега реализирала 27 самостојни изложби и повеќе од 50 групни во земјава и во странство.