Вкупниот процент на наплата на даноци за 2025 година во Општина Прилеп е 60%, но сè уште голем број на физички и правни лица ги немаат подмирено своите обврски кон општината. По основ на данок на имот за физички лица годишниот облог е над 50 милиони денари, а за правни лица над 15 милиони денари. Додека за комунална такса фирмарина, активни се 3.500 фирми коишто имаат годишен облог од 15 милиони денари, од кои се наплатени само 44%.
„Во моментов само 10.000 физички и 300 правни лица комплетно ги имаат подмирено своите даночни обврски. По основ на комунални такси фирмарина ненаплатени се над 50 милиони денари, а половината од нив, околу 24 милиони денари, се ненаплатени поради ликвидација или стечај на правните лица. Што се однесува до данокот на имот, ненаплатени има 60 милиони денари, од кои 15 милиони денари се застерени“ вели Александар Шишкоски, раководител на одделението за администрирање на приходи при Општина Прилеп.
Процентот на наплата споредбено од минатите години се зголемува, но поради ликвидност или стечај на фирмите, блокирана трансакциска сметка или немање средствана на банкарската сметка, наплатата на голем број фирми не е извршена, што се смета за застарен долг и неможност да се наплати. На новинарско прашање зошто се чекало да застари тој долг, Шишкоски одговори:
– Не се чекало да застарат, туку секогаш биле процесионирани и во минатата година, освен во периодот со корона вирусот, кога имавме забрана од Владата за извршување и таа забрана траеше година и пол и во тој период одделението не можеше да врши наплата– одговори тој.
Во иднина раководител на одделението за администрирање на приходи при Општина Прилеп, најави и присилна наплата на побарувањата и ја најави можноста за електронска наплата на доноци за брза и ефикасно подмирување на обврските на даночните обврзници преку апликација која се наоѓа на веб страната на Општина Прилеп Е-Даноци.









