Синоќа, Виница приреди топол и емотивен пречек за младиот кик-боксер Лука Змејковски, кој се врати од Европското првенство во Италија со освоен бронзен медал. Пречекот беше организиран како знак на благодарност и признание за врвните резултати што Лука континуирано ги постигнува на домашната и меѓународната спортска сцена.
Дел од организацијата за овој свечен настан беше: Надица Стојковска. Благодарност за поддршката и довербата од Општина Виница- Градоначалник Миле Петков, Дом на култура “Тошо Арсов”- Директорката Александра Давиткова. И ОВР- Виница.
Член на клубот „Лидер“ и трениран од искусниот тренер Дарко Гоцевски, Лука Змејковски е еден од најперспективните млади спортисти во Македонија. Во последните неколку години, неговите настапи се редат со медали и признанија, што го вбројува меѓу најуспешните млади кик-боксери во земјата.
Низата на успеси вклучува:
Сребрен медал на Светското младинско кик-бокс првенство во Унгарија
Прво место и шампионска титула на меѓународниот турнир во Сараево
Прво место на Балканскиот кик-бокс куп
Второ место на Европското ВАКО првенство
Бронзен медал на Државното првенство
Дополнително, Лука беше избран за спортист на годината на Виница две години по ред – во 2023 и 2024 година, што претставува ретко признание за млад спортист од овој регион.
Со вакви млади спортисти како Лука Змејковски, Виница не само што се гордее, туку и го испраќа јасното порака дека спортот живее и се развива. Лука е вистински пример за тоа како се стигнува до врвот – со работа, дисциплина и страст.
Неговиот пат е инспирација за новите генерации и доказ дека успехот е достижен кога се верува во себе. Македонија добива шампион со светска перспектива – и ова е само почеток
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.