На завршницата од откупот на тутунот, министерот Цветан Трипуновски заедно со Васе Анакиев директор на Државниот инспекторат за земјоделство и Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија во посета на неколку откупни пунктови во Прилеп. Досега се преземени над 25 милиони кгр. Работната група ги разгледува можностите за измени во Законот за тутун пред почетокот на новата реколта, вели министерот Трипуновски.
„Последниот податок е дека се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта. Просечната цена е 419,15 денари. Истиот е во вредност од 170 милиони евра и е 95,6% исплатен спрема тутунопроизводителите. Останува уште некоја количина која што согласно динамиката ќе биде во наредниот период откупена до крајот на февруари“, рече Трипуновски.
Во однос на измените во Законот за тутун работната група треба да ги прецизира прашањата за почетокот на откуп, крајниот рок, како и улогата на Сојузот на тутунски здруженија околу договорите кои треба да се склучуваат.
„Работната група ќе работи на измена на постоечкиот Закон, за допрецизирање на некои ситуации кои се увидоа и од последна реколта. Тоа е – кога би било почетокот на откупот на тутун, кога би бил крајниот рок, како и околу улогата на Сојузот во договорите кои треба да се склочуваат. По завршувањето на откупот на 28-ми ќе следи процес на договори, затоа сакаме пред тоа да биде веќе таквиот Закон во сила. Повторувам секое законско решение ќе биде во дискусија со сите кои учествуваат во процесот, тоа се Сојузот кој ќе ги застапува тутунарите, Министерството и откупните компании, се’ со цел да биде тоа законско решение прифатливо за сите. Нормално, првенствено во интерес на тутунопроизводителите,“ посочи Трипуновски додавајќи дека како министерство се залагаат секторот тутунопроизводство да бележи натамошен прогрес и да оди по нагорна линија.
Од Сојузот на тутунски здруженија се надеваат дека ќе остварат рамноправна положба при утврдување на цените. Тутунарите кои ги предаваат последните килограми од ланското производство очекуваат повисоки цени и сигурност при откупот .
„Ние како Сојуз немаме престанато и нема да престаниме со преговорите со откупувачите при склучување на новите договори. Мораме прво да ги договориме цените, па после да излезат компаниите со склучување на договори. Сме во преговири и има шанси да успееме без согласност на тутунарите да не може да се утврдуваат новите цени во договорите,“ рече Кире Ристески од Сојузот на тутунски здруженија.
Производителите кои денеска ги предаваа последните килограми ориентален тутун, велат дека најважно е да се знаат цените пред почетокот на новата реколта, а имаа забелешки за проблемот со наводнувањето во текот на ланската реколта, што во прилепско во голема мерка се одрази врз намалување на продукцијата.









