Медицинска сестра во заедницата, спортски едукатори за лица со попреченост, Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење…
Граѓанската идеја и иницијатива на Здружението Центар за развој и едукација Прилеп за услугата „Помош и нега во домот“ се институционализира со поддршка на Министерството за социјална политика и млади и општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани. Но, тоа е само почеток! Социјалната заштита се прилагодува и модифицира и кон здравствените потреби на граѓаните. Иницирани се три нови услуги кои наскоро ќе почнат да се применуваат во Прилеп, во Македонија и во земјите на Западен Балкан. Ќе се применува за прв пат услугата „Медицинска сестра во заедницата“ наменета за лицата во социјален ризик, за најранливите семејства со фокус на руралните средини на територијата на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени.
Неодамна бевме во студиска посета во Република Австрија заедно со претставникот од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп, градоначалниците на општините кои се таргетирани општини каде што ќе се изведува овој проект ТРАНСАКТ, претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади и од нашата организација, да видиме како овој модел функционира во Република Австрија и како може да го адаптираме да биде успешен и да обезбедиме квалитетна услуга, рече Марина Тошеска од Здружението Центар за развој и едукација Прилеп.
Проектот започна во октомври 2024 година, воспоставени се програмите и во тек се процедурите на набавка за мобилна опрема за помош во домовите на лицата со социјален ризик, хронично болни лица, да може преку сестрите да им се овозможи посеопфатна услуга кај старите лица. Планирано е вработување на 10 медицински сестри, 5 социјални работници и психолози.
Идејата е да се даде сеопфатна поддршка во домот и кај лицата во социјално ранливи категории и кај старите лица и кај лицата со попреченост кои што ќе се идентификуваат во соработка со МЦСР Прилеп. Малку почетокот е задоцнет но, мора да се почитуваат бирократските и законските процедури. Она што се радувам е дека ја имаме поддршката од австриското министерство и австриските организации кои што ќе не’ мониторираат за навистина да поставиме добра основа за развој на вакви социо-здравствени услуги. Со вработувањата започнуваме дел во март, дел во април, етапно, а проектот ќе трае до септември 2026 година, вели Тошеска.
Ваков тип на услуга „Медицинска сестра во заедницата“ за прв пат ќе се пилотира не само во Република Македонија, туку и во земјите од регионот на Западен Балкан и ова се усогласува и со начелата и препораките на Европската Унија и во земите на ЕУ, каде што веќе се воведуваат поинтегрирани услуги, односно и социјално -здравствствени услуги за да може навистина да се одговори на реалните потреби на корисниците.
Ќе се воведува уште една нова – втора социјално здравствена услуга во регионот на трите општини наменета за лицата со попреченост од 7 до 17 години.
Ние како Центар сме тука вклучени затоа што имаме два Дневни центри на лица со попреченост кои што ќе бидат активно вклучени во сите активности во текот на проектот . Станува збор за „Спортски едукатори“ и развивање на психомоторните здравствени функции на лицата и децата со попреченост кои што се сместени во нашите дневни центри. Претпоставувам ќе имаме поголема бројка, таргетот ќе го зголемиме во иднина, ќе видиме со почетокот на проектот. Со надеж дека со нашата посета таму дополнително обезбедивме реквизити и организирање на нашиот парк во Дневниот центар за деца со интелектуална попреченост во Ѕуница. Акцентот ќе биде ставен претежно таму. Многу ми е драго што она што го планира и поддржува Светска банка: социо- здравствените услуги на локално ниво ние ќе го пилотираме во трите општини Прилеп, Долнени и Кривогаштани. Можеме да бидеме горди како граѓани на овие општини и јас како директор на МЦСР Прилеп што во проектот сме вклучени за изнаоѓање и детектирање на оние на кои најмногу ќе им биде потребна услугата „Медицинска сестра во заедницата“. Ова нешто ново не само кај нас во Македонија, туку и пошироко, рече Малкоски.
На повидок е уште една трета услуга наменета за повозрасната категорија – Центар за дневен престој на стари лица со активно старење.
–
Во тек сме, со општина Прилеп Кривогаштани Долнени на подготовка на проектна апликација за развој на нова социјална услуга – Центар за дневен престој на стари лица со активно старење. Се надевам дека доколку финансиската поддршка и грантот биде одобрен, ќе донесеме нова социјална услуга која што ќе биде од големо значење за лицата во трето доба. Трендот за демографско старење го имаме на глобално ниво, го осеќаме и тука и мислам дека изборот на помош и нега во домот да биде прв тип на социјална услуга да се го воспостави овде, беше одлично идентификован приоритет на сите три општини. Дополнително, за да може да опфатиме поголем број на корисници и да им обезбедиме здраво и квалитетно стареење, кога ќе има дополнителна услуга, ќе биде од бенефит за заедницата и за корисниците, посочи Тошеска.
Она што во моментов е потребно е продлабочување на процесот на децентрализација. Општините и локалните институции треба да се прилагодуваат на локалните потреби на граѓаните. Во моментов се јавува недостиг од квалификуван кадар во областа на социјалната заштита, но и граѓански организации кои ќе се фокусираат на социјалната сфера, активно ќе работат за поврзување на европските искуства со потребите на граѓаните во Македонија.