Во Општата болница со проширена дејност Борка Талески денеска беше потпишан договор за донација од Германската компанија ВИК – современ апарат за видео електроенцефелаграфија за одделението за детски болести. Апаратот е од светски реномирана компанија во областа на дијагностиката на електричната активност на мозокот, видео снимање на пациентот, анализа на состојба доколку има сомнение за абнормална електрична активност на мозокот.
„Ваква опрема има само во клиниката за педијатрија и во некои од приватните здравствени установи во Македонија. Со донацијата Општата болница Прилеп дополнително ќе го зацврсти лидерството во областа на педијатриската неврологија во југозападниот регион на Македонија,“ посочи др Киро Јоноски, директор на прилепската болница.
Градоначалникот Борче Јовчески изрази благодарност до компанијата и меѓу другото информираше дека покрај апаратот за прилепското детско одделение во болницата, ВИК денеска донирала инвентар во една од детските градинки.
Со оваа опрема стануваме сериозен медициски центар како општа болница со многу подобрена дијагностика и апарати кои што не’ прават пример во регионот, посочи градоначалникот Јовчески.
Компанијата ВИК лоцирана во ТИРЗ Прилеп е препознатлива по поддршката која што несебично ја дава кон заедницата.
– Во ВИК имаме програма која што ни е многу драга со која што веруваме дека е наша одговорност. Оваа програма е за поддршка на локалните заедници каде што сме лоцирани и работиме, за поддршка на заедницата и заштита и поддршка на идните генерации. Затоа ние се фокусираме на децата и на животната средина, бидејќи ние веруваме дека ова е основата на заедницата. Ова не е за нас да се покажеме и да им кажеме на другите колку сме ние добри, туку веруваме дека ова е нешто што мора да се направи. Исто така ги повикуваме другите да ни се придружат со ваквите напори. Мојата сопруга и јас имавме предвремено родени близнаци, тие беа родени 10 недели пред време, и со нив поминавме 8 недели во болница, се преселивме во главниот град на Швајцарија каде што престојувавме во таа убава земја. Секако, се што треба технолошки беше направено за да им се помогне на нашите деца за да продолжат со животот. За нас е навистина од суштинско значење да дојде ден кога ќе не прашаат – зошто не ги вложивте сите напори за водење грижа за планетата и за животот. Затоа овие прашањата во ВИК која што е компанија – фамилијарен бизнис да правиме се’ што е во наша можност да дадеме поддршка во заедницата секаде каде што работиме со цел иднината да биде подобра. Токму затоа иднината и децата ни се многу важни, здравствениот систем е многу важен. Можеме да поддржиме и сме посветени на тоа, рече Кристофер Доерн, извршен директор и член на бордот на директори на ВИК групацијата.
Досега дијагностиката на мозочната електрична активност кај детските пациенти во прилепската болница се изведувала во кабинетот за возрасни, што не е соодветно за најмладите. По ставање во функција на современиот апарат прегледите во детското одделение ќе ги врши др Габриела Тавчиоска – специјалист за педијатриска неврологија, така што прилепската болница ќе биде во можност за напредна дијагностика на електрична активност на мозокот и на кардиоаспираторно следење.
– Добиваме синхронизирано снимање во реално време на мозочната електрична активност и на клиничките манифестации, односно на однесувањето на детето. Покрај можноста за видео снимање овој апарат има можност и за кардио-аспираторно следење што е многу важно за сеопфатна дијагноза. ЕЕГ снимањето кај педијатриската популација главно се прави во сон. Индициран е за дијагноза – одредување на терапија и за следење на деца со епилепсија, за разликување на епилептични од неепилептични напади, се користи и при нејасни епизоди на губиток на свест одреден тип на главоболки, невроразвојни нарушувања и ЦНС инфекции. Апаратот има широка употреба многу корисна дијагностичка алатка за следење на доста нефролошки состојби кај децата, рече др Тафчиоска.
ЕЕГ снимањето кај деца во прилепската болница се прави повеќе од 10 години. Досега бил користен апаратот во ЕЕГ кабинетот во рамки на невропсијатриското одделение кој што е сместен во комплексот на амбуланти. Просторијата има несоодветна звучна изолација со голема фреквенција на пациенти што не е соодветно за ЕЕГ снимање во сон. Апаратот бил користен и за возрасни пациенти и немал можност за видео снимање и за кардио респрираторно следење. Со новата опрема ќе се добиваат многу поквалитетни снимки. Донацијата од германската компанија ВИК е со вредност од околу 25 илјади евра.