Поранешниот македонски репрезентативец и актуелен селектор на македонската кадетска ракометна репрезентација, Горан Кузманоски заедно со Даниела Проданоска, олимпијка во атлетика (Сиднеј 2000 година), Дарко Насески, олимпиец во стрелаштво (Атланта 1996 година) и фудбалерите од СОУ Ристе Ристески Ричко (учестуваа на Европско првенство во Бања Лука), го донесоа факелот и симболично го означија почетокот на „Спортски игри за млади – Плазма“ во Прилеп на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ .
Во Прилеп денеска се одржаа зонските натпревари од овој европски проект, најголемата спортско-едукативна манифестација за деца и млади на кои зедоа учество над 700 млади на импровизираните спортски терени од основните училишта од општините Прилеп, Долнени, Демир Хисар, Кривогаштани и Крушево.
„Ми претставува голема чест што денеска нашиот град е во центарот на младинскиот спорт, исполнет со позитивна енергија и насмевки. Овие игри се можност за создавање на пријателства, заеднички вредности: фер-плеј меѓусебна почит и тимска игра кои остануваа за цел живот. Денеска не се најважни само резултатите туку и начинот на кој ќе се натпреварувате, ќе се почитувате и ќе го покажете вашиот спортски дух“, истакна градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски.
Преку спортот најмладите учат за дисциплина, одговорност, тимска активност, почит и здрави навики.
„Драго ми е што токму во Прилеп се одржаа Плазма Спортските игри за млади, ја поздравувам нивната мисија – бесплатен и достапен спорт за младите деца. Ова е одличен мотив за сите деца од мали нозе да стекнат здрави навивки“, рече Горан Кузманоски.
Натпреварите се одвиваа во 10 атрактивни спортски дисциплини: Coca-Cola Cup – турнир во мал фудбал, пинг-понг, тенис, народна топка и атлетика во рамките на „Денот на спортот“, како и баскет 3×3, ракомет, шах, одбојка и одбојка на песок.
Организатор на настанот е Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Сојузот за училишен спорт на Општина Прилеп, а се реализира под покровителство на Општина Прилеп и Министерството за спорт.
„Нема поголемо задоволство за мене кога ќе видам бројни насмевки. Драги деца тука сме поради вас, Плазма Спортските игри за млади овозможуваат бесплатен спорт за секое дете. Се радувам што во Прилеп се сака спортот, бидејќи преку него градиме вистински вредности, толеранција и фер-плеј игра, рече Елена Мицковска, претседател на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Плазма Спортските игри за млади се најголемиот аматерски спортски настан за деца и млади во Европа, кој моментално се одржува во пет земји во регионот – Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и, за првпат, во Македонија.
По квалификациските натпревари, следуваат регионални и национални првенства, додека најдобрите тимови и поединци ќе се натпреваруваат на големото меѓународно финале во Сплит (17–22 август), каде што ќе ја претставуваат својата земја и ќе се дружат со врсници од регионот.









