„ Медицинските сестри се богатство на нацијата, а нацијата богатство на државата. Кога ќе инвестирате во медицинските сестри, вие инвестирате во здрава нација. Или така ќе го разбереме тоа, или еден ден ќе имаме навистина сериозен проблем со целокупниот здравствен систем. Не можете да иницирате квантитети без квалитети. И не можете да носите одлуки и современ здравствен систем и национални стратегии без медицинските сестри. Кој е тој здравствен столб во Европа и секаде, каде и да е, без медицинските сестри? Ние сме сведоци на многу настани од месецов и наназад, вклучително, и носењето и измените на дополнувањата на Законот за здравствена заштита, а медицинските сестри, односно нашите здруженија, ние како највидливиот глас кој работи за сестрите во сите области, не бевме воопшто повикани таму,“ рече м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на ЗА НАС – Здружение на мед.сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри.
„Најголема чест во животот што ја добив, што станав и јас почесна медицинска сестра и член на Здружението. И веднаш да ви кажам, се додека ја гледаме само главата, а р’бетот ни пати, ќе имаме парализиран здравствен систем. Затоа што сестрите беа, се и секогаш ќе бидат р’бетот и носителите на здравствениот систем. За да не биде понатаму парализиран, треба и они да си го добијат своето заслужено место. Бидејќи сите овде знаеме по нешто анатомија – рацете и нозите на еден организам се движат од р’бетот. Главата е таа што ги дава насоките, таа што ги дава препораките, меѓутоа главните извршители и понатаму кои што се грижат за пациентите се медицинските сестри. Кога ќе се врати нивното достоинство, тогаш можеби ќе се врати и достоинството на лекарите и воопшто на белиот мантил, рече Беќаровски.
Симпозиумот во Прилеп опфати повеќе стручни теми од областа на примарната здравствена заштита. На овој стручен собир и’ беше доделена плакета за животно дело на медицинската сестра Лепосава Милеска Јоноска за посебен придонес и развој на сестринската професија.









