(ВИДЕО) Танец – Ритамот што зборува повеќе од зборови

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Елизабета Филипоска /новинар/

Преполна сала во НУЦК „Марко Цепенков“-Прилеп, главно повозрасна публика (и, по некој пар од генерациите родени во 90-тите), која во секој момент чекаше да се подигне завесата и да започне ритамот кој не се брои со тактови, туку се чувствува со срцето и душата, ритам што не дозволува рамнодушност и го носи автентичниот македонски дух преку визуелниот наратив и музичката структура.

И, кога се слушна звукот од тапанот и кога се заниша македонската колоритна носија на играорците, кога низ младелачкото грло се слушна македонската изворна песна, публиката веќе аплаудираше и се воодушевуваше на секој чекор, на секое движење на сцената – како девојките и момците да не ја допира земјата, туку потскокнуваат во воздух и неуморно ги преплетуваат нозете во една хармонија, која пленеше и за око, и за уши, и за душа. И,  за момент ти се чини дека сето тоа во жилите ти влегува и останува заковано за навек, за памтивек. Тоа е ритам што не се учи – се наследува. Тој е начин на живот, начин на чувствување, начин на паметење.

И, не остануваш рамнодушен! Во Светот каде што културите се губат во брзината на модерното време, македонскиот ансамбл „Танец“ успева впечатливо да остане непоколеблив чувар на македонската традицијата, фолклор, носија и песна. Затоа „Танец“ не е само ансамбл – тој и вечерва потврди дека е жив музеј, подвижна енциклопедија на македонското културно наследство. Со своите впечатливи носии, автентични мелодии и кореографии кои раскажуваат приказни од народот, „Танец“ неуморно ја донесе , и на сцената нѝ ја пренесе македонската душа. Концертот насловен „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, беше повеќе од настап – беше културна мисија во Прилеп, кој го пречекува националниот празник 11 ти Октомври,  Ден на народното востание на македонскиот народ, посебен ден за прилепчани кои први ја започнале борбата за слобода. Ансамблот остави трага од воодушевување кај публиката, силни емоции и верба дека своето може и треба да се негува и да се чува!

Во ова време кога глобализацијата се заканува да ги избрише локалните идентитети, „Танец“ не’ потсети дека традицијата не е товар, туку богатство. А,  ансамблот не само што игра – тој зборува, пее, сведочи. И,  додека светот се менува, „Танец“  остануваат како светилник на македонската културна самобитност.

Затоа, кога ќе ги видите на сцена, не гледајте само играчи – гледајте историја, идентитет и љубов кон корените, македонски! Благодариме „Танец“ за незаборавната вечер!

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Прилепските бакали ќе го прослават својот патрон “Св. Три Светители“.

Утре,четврток, на денот посветен на Светите Три Ерарси, а воедно и патрон на еснафот на Прилепските бакали, во храмот Св.Благовештение – Прилеп, ќе се одржи Света Божествена Архиерејска литиргуја. Со  света архиерејска литургија ќе богослужи и ќе чиноначалствува високопреосвештен Митрополит Петар, во сослужение на преосвештените Епископи Климент и Никола со...

Земјотрес во Северозападна Македонија

Земјотрес со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала вечерва во 10:05 часот се почуствувал во Северозападна Македонија. Епицентарот, според информациите, бил на 15-тина километри северно од Тетово, во општината Теарце. Жителите на градот и околината пишуваат на социјалните мрежи  дека таму земјотресот се почувствувал како многу силно тресење, што...

Општина Прилеп се огласи за ПОБЕДА: Нема да дозволиме буџетските средства од граѓаните да завршат за покривање на ненаменски долгови

По денешното соопштение од ФК Победа дека поради катастрофалната финансиска состојба клубот се повлекува од натпревари во Втората македонска лига и повеќегодишната инволвираност на Општина Прилеп во финанската помош и барање спас за клубот, како и најавата за исплата на 1 000 000 денари еднократна парична помош која не се...