Прилепскиот Завод и Музеј во рамките на своите арехеолошки истражувања во месноста Долиште во близина на селото Прилепец откри мошне значајна градба – просторија римска античка бања.
“
Тоа е просторијата во рамки на бањата во која луѓето кои доаѓале да ја одржуваат својата телесна хигиена, се потеле. Тоа е т.н. судаториум. Оваа просторија имала висечки под од керамички плочи и малтер кои лежеле врз столбчиња од т.н. хипокаустни керамички кружни тули. Под овој висечки под струел топол воздух. Тоа е всушност еден вид на подно загревање, но со мошне топол воздух.„- објаснува Археологот, Душко Темелкоски
Римските бањи од овој тип се појавуваат во средината на 1 век пред нашата ера.
“Евидентиран е и сегмент од уште една просторија од бањата, т.н. префурниум, во која се ложел оган кој го затоплувал воздухот кој струел под подното ниво на просторијата за потење. Покрај двете наведени простории имале уште соблекувална, просторија со базен со топла вода, друга со базен со ладна вода и трета со базен со млака вода. Помали бањи имале во рамките на своите луксузни куќи побогатите граѓани од тоа време, додека за останатото население на градовите биле градени јавни бањи како што е бањата кај Прилепец.„ раскажува Темелкоски
При ова археолошко истражување констатирано е дека станува збор за јавна градба со огромни димензии од 11 х 8 м. на просторијата за потење, која што се истражува, но и според откриениот мермерен столб кој е во должина над 2,5 м. (заради лимитираниот буџет за истражување столбот не е откриен во целосна должина), кој стоел покрај влезот од надворешната страна. Оваа бања била речиси неколку пати поголема од јавните бањи откриени во другите антички градови во Македонија,велат архелоозите од НУ Завод и Музеј Прилеп .
Археолозите на НУ Завод и Музеј – Прилеп, претпоставуваа дека овој град, каде што се пронајдени простории на јавната бања, би можел да биде неубицираниот град Пелагонија, бидјеќи тамо се пронајдени и ковани монети, една со ликот на Александар и една од градот Пелагонија.
“Што се однесува до тоа кој град егзистирал на поширокиот простор кај селото Прилепец, би можело да е тоа сеуште неубицираниот град Пелагонија. Покрај бањата која се истражува оваа година, од движни наоди се откриени две бронзени монети, една на Александар и една кована од градот Пелагонија. Монетите на градот Пелагонија кои се ковале веднаш по поделбата на античка Македонија, а по окупација од страна на Рим во средината на 2 век пред нашата ера, се мошне ретки.’
Првпат на оваа локација НУ Завод и Музеј Прилеп истражувал во 2022 година. Оваа година во рамките на годишната проект на програма поддржана со 180 000 денари од страна на Министерството за култура и туризам, продолжил да се открива, при што се откри римската античка бања.
Во претходните години при истражувањето во непосредна близина се истражувани неколку пунктови за погребувања во подолг временски интервал од околу 800 години (од 6 век п.н.е до 3 век од н.е) Во двориштето на селската црква во Прилепец, мештаните пронашле и неколку мермерни плочи со натписи кои говорат за значењето на градот, но на плочите не е спомнато името на градот. На еден од овие натписи се спомнува Стибера, така што на тој начин археолозите дознават за врските на двата градови во античко време. Во педесетите години од минатиот век е случајно откриена остава со над 200 сребрени монети на античките македонски и пајонски кралеви, која денес се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје.