(видео) Петнаесетти Марш за ангелите – Од крв и месо сме, се бориме за правда, политика не не интересира

Оригинален линк на написот: Radiokocani.mk

Петнаесеттиот Марш за ангелите се одржа вшера во Кочани, четири месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде загинаа 62 лица. Маршот стартуваше од Паркот на револуцијата и продолжи кај кафуле „Класик“ во Трговскиот центар, општинската зграда, полицијата и Основниот суд.

Родителите чии деца настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март годинава, ги исвиркаа институциите покрај кои поминаа, како што велат, револтирани од нивниот однос и затоа што ги сметаат одговорни за несреќата. Од пред Основниот суд во Кочани порачаа дека со протестните маршеви ќе продолжат и понатаму и оти никој не може да ги сопре да дојдат до вистината за нивните деца. Од меѓународната заедница, пак, побараа активно да го следи судскиот процес кога ќе започне. Тоа, според нив, е еден од начините правдата да биде задоволена.

Дел од нивните пораки беа дека се борат за правда и дека не ги интересира политика.

– Ние родителите сме од крв и месо, како што беа и нашите деца. Ние се бориме за правда, политика не не интересира. Јавноста нема зашто да не обвинува, ние не лажеме. Еден ден кога ќе се сретнеме во рајот, сакаме да им кажеме на нашите деца дека правдата е задоволена. Но, како што гледам, ништо нема да излезе на виделина. Само сакаат да не нагазат уште повеќе и да не понижат како родители. Оваа не е трагедија, туку убиство на 62 деца, рече пред Основниот суд во Кочани, мајка на загинато дете во пожарот  од 16 март.

Друга мајка порача дека „некој се обидува преку мртви да гради кариера“ и оти не сакаат „да се препукуваат со нив на социјалните мрежи“.

-Ние не сме партиски определени. За никого не сме. Не сакаме да се препукуваат со нас на социјалните мрежи, да ни велат одете таму, тие ќе ви дадат пари. Нам пари не ни требаат, со пари нашите деца не можеме да ги вратиме. А, судиите право нека судат, многумина се пуштени од домашен притвор и се шетаат по улиците, а нашите деца гнијат во гробовите. И некој да не мисли дека преку нашите мртви ќе гради кариера, порача учесничката на маршот, во организација на Здружение на граѓани „16-ти Март 2025 Кочани“

Кривичниот суд вчера го продолжи притворот на обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а Основното јавно обвинителство Скопје ќе го води понатамошниот дел од постапката. Согласно обвинителниот акт, на 34 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ им се ставаат на товар – тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката се запира за 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.

 

 

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Во ОУ „Никола Карев“ формиран извиднички одред

Традицијата за планинарење и часови во природа во ООУ „Никола Карев“ – Кочани доби нова, уште поубава димензија. Во кругот на училиштето денес се споија ентузијазмот, знаењето и љубовта кон природата, создавајќи еден навистина посебен настан официјалната промоција на „Извиднички Одред “Никола Карев“. Иако одредот функционира како секција во училиштето уште од септември 2025 година,

Известување од ОУ „Св. Кирил и Методиј“

Ве информираме дека денес во училиштето беше примена дојава за наводно поставена бомба. Учениците од предметна настава беа веднаш и безбедно евакуирани, а надлежните служби од МВР извршија увид и проверка на училиштето. По спроведената проверка, констатирано е дека дојавата е лажна и не постои опасност по безбедноста на учениците, вработените и училишниот објект. Наставата

Кочани – градот што тагува и се бори да преживее

Економски, по трагедијата во „Пулс“ Кочани е далеку од заздравување, бидејќи некои од бизнисите, особено малите, се затворија и тешко некогаш да проработат. Други се одржуваат во работа, во исчекување дека ќе стигне дел од ветената помош за малите бизниси. Големите пак, како странската инвестиција „Амфенол“, која вработува над 3000 работници, се соочи со последиците