Во прекрасна атмосфера, достоинствено и достојно на традицијата и верата, центарот на Прилеп сјаеше на декемвриското сонце во чест на големиот православен празник Свети Никола, патрон празникот и заштитник на Прилеп. Годинава се навршуваат 20 години од чествувањето на градската слава.
Во чест на празникот во црквата Свето Благовештение се одржа света утрена богослужба, а централниот настан традиционално се одржа пред параклисот на плоштадот Александрија. Градоначалникот Дејан Проданоски во обраќањето честитајќи го празникот им се заблагодари на домаќините Игор Стеванов од компанијата Матадор, Милан и Иван Биќанин од компанијата Бим Фуд. До година домаќин ќе биде компанијата Рустика од Прилеп.
-Нека е за многу години денешниот големи христијански празник Свети Николај Чудотворец, архиепископ мириклиски, патрониот празник на нашиот град и заштитникот на Прилеп. За нас прилепчани, Свети Никола не е обичен ден. Тоа е ден на сплотување, ден кога сите слават – едни се домаќини, и го чествуваат како своја куќна слава, а други со радост им одат на гости. Славењето на Свети Никола во Прилеп не е само обичај, туку силен симбол на нашата духовност, меѓусебна почит, заедништво и хуманост. На овој ден секој кажан збор, и секое добро дело имаат посебна тежина. Свети Никола е заштитник на сиромашните и немоќните, затоа веруваме дека секое добро направено на овој празник се враќа повеќекратно. Оваа година одбележуваме 20 години од нашата заедничка и искрена определба за почит и дарување од одлуката донесена по иницијатива на граѓаните во 2006 та година Свети Никола да биде патрон празник и заштитник на Прилеп и сите заедно во духот на заедништвото да го славиме како градска слава. Овој јубилеј ни дава уште поголем мотив да продолжиме да ја негуваме традицијата, меѓусебната почит и солидарноста. Заедно да градиме и создаваме иднина за генерациите што доаѓаат по нас, не заборавајќи ги основните човекови вредности: почитта, дарувањето и грижата за другиот. Во тој дух продолжуваме да ги чуваме и негуваме локалните традиции, духовното, духовноста, градејќи го Прилеп како препознатлива и отворена дестинација во која секој добронамерен гостин ќе има причина да не’ посети и од блиску да ја почувствува убавината на нашата вековна и историја и традиција. Верувам дека заедно сите ќе успееме Прилеп да го направиме уште поубаво и подобро место за живеење . Во оваа свечена прилика во името на локалната самоуправа, и во мое лично име сакам да ви го честитам денешниот празник на сегашните и на идните домаќини и да им посакам Свети Никола да им подари здравје, среќа и бериќет. До година посреќни и побројни на ова место ! Нека ни е честит и вековит нашиот патрон празник и нека ни е напомош заштитникот на градот Прилеп- Свети Николај“, рече Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Во име на годинешните домаќини компаниите Матарод и Бим Фуд се обрати Игор Стеванов заблагодарувајќи се на укажаната можност за традицијата да продолжи со посветеност и љубов кон верата и вербата.









