Новата претстава „Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиовска, во режија на Кристина Димитрова, театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе вечерва од 20 часот на Сцена 105 во ЦК „Марко Цепенков“. Тоа е прва премиера за 2026 година поддржана од Министерството за култура и туризам, а планирани се уште четири премиери со поддршка на ресорното министерство.
„Претставата се подготвуваше во простор кој овозможува поинтимен и пофокусиран пристап. И благодарам на екипата за вложениот труд. Пред публиката ќе донесеме современа и интимна театарска претстава, која ќе ги натера гледачите да размислуваат за времето, за животот, за промените – рече Марија Јованоска, директорка на ЦК „Марко Цепенков“.
Текстот е праизведба и значи поддршка на македонските автори, посочи Михајло Миленкоски, раководител на театарот „Војдан Чернодрински“ на прес конференцијата.
– Горд сум што текстот е праизведба. Како театар и ансамбл, а и сите театри треба да ги поддржуваат македонски автори, да се ставаат на репертоарите, бидејќи тоа е дел од нашата култура, нашиот идентитет – рече Миленкоски, соопштувајќи ја екипата што е дел од претставата.
„Саатот“ е претстава за судирот меѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.
Авторката на текстот Лидија Митоска Ѓорѓиовска, која воедно е и драматург, посочи дека е многу среќна што се постави текстот на сцената и дека е горда што екипата во „Саатот„ го задржала секој збор.
Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, додека за музиката беа задолжени Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Во претставата играа Филип Јездиќ како Саатот, Димитар Ѓорѓиовски (Јован) и Наташа Ачански (Вера) со вокалната придружба на Ана Митоска.









