Се’ е подготвено за престојните локални избори кои ќе се одржат на 19 -ти октомври в недела. Од ДИК информираат дека в четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека в петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација .
Доверливиот изборен материјал се врши под целосно и постојано обезбедување од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР), според однапред усвоен и предвиден план.
Материјалот ќе биде соодветно чуван и обезбедуван и пред денот на гласањето, по гласањето, транспортот до општинските изборни комисии и ДИК.
По објавување на првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат, што ќе се објавуваат сукцесивно во живо во текот на изборната вечер, по завршување на гласањето и наредниот ден, во понеделникот, ДИК направи план за прием и достава на оригиналниот изборен доверлив материјал, сите записници од избирачките места и сите записници од утврдувањето на резултатите од гласањето од страна на општинските изборни комисии.
В понеделник, на 20 октомври, од раните утрински часови во определени групи ќе доаѓаат општинските изборни комисии и ќе ги предаваат оригиналните записници во ДИК, по што ќе биде организирана соодветна проверка.
Кон крајот на денот, односно в понеделник навечер, ДИК ќе ги објави и првичните официјални резултати врз основа на писмените оригинални записници од секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија.
На денот на изборите, ДИК на секои два часа ќе ја соопштува излезеноста на гласањето по општини.