Здружението на граѓани, вљубеници во хуморот и сатирата „Афористичката репрезентација на Македонија“ на 3 април, петок, во 18 часот во Мултикултурниот центар во Кочани ќе го одржи 14. издание на манифестацијата „Вечер на македонскиот афоризам“, во пошироката културна јавност позната како АФКО.
Оваа година афористичарите на конкурсот твореа на темата „Чесен крадец“. До тричлената комисија, во состав Марјан Анѓелковски, Снежана Стојчевска и м-р Доне Донев пристигнати се 36 авторски дела.
Според нивното мислење, првата награда утревечер ќе му биде доделена на Ристо Филчевски од Струмица, како добитник и на признанието „Најдобар афоризам“ за неговата мисла: „Секоја украдена пара му е благословена. Ги краде од црква.“. Второнаграден е Атанас Крлевски од Велес, додека третата награда ја освои Ацо Ѓорѓиев од Струмица. Жирито ќе додели и пофалници за Лазе Стефановски и Драганчо Тасевски – Изворски од Кичево, како и за Фросина Тасевска од Штип.
На манифестацијата ќе биде доделена и традиционалната Специјална плакета за развој и афирмација на хуморот и сатирата во Македонија, чиј добитник ќе биде познат на самиот настан.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









