Пред неколку години првпат напишав текст со наслов „Театарот, јас и зошто мислев дека театарот ме избркал“. Во него пишував зошто од верен гледач и редовен посетител, станав незаинтересиран за театар. Еден од главните виновници за тоа беше токму Драмскиот театар од Скопје. Изгледав во низа неколку многу лоши остварувања кон крајот на 2018 година и потоа никогаш не стапнав во Драмски и не одгледав ниту една претстава во продукција на овој театар. Се’ до вечерва.
На програмата во рамки на 59 МТФ „Војдан Чернодрински“, Драмски театар од Скопјесе претстави до „Парови“ по текст на Ана Ристоска Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска.
Во претставата играат: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Jасмина Василева, Димитрија Доксевски, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Лазар Христов, Ања Митиќ и Нина Елзесер. Сценограф е Костантин Трпеноски, музички соработник е Ади Имери, костимографи се Раде Василев и Ратка Џамбазовска-Коцев.
Ова е вeќе четврта претстава што ја гледам во рамки на фестивалот и многу сум радосен што сите четири за мене беа добри и квалитетни претстави. Ако основна цел на еден театарски фестивал е да прикаже квалитетни претстави, засега таа цел на ова издание е постигната. Ги одгледав „12“, „Црно семе“, „Сите прекрасни нешта“ и вечерва „Парови“. Сите овие претстави имаат нешто заедничко. Тоа е дека повторно се прикажуваат нормални, човечки, секојдневни и топли нешта. Веќе ми беше смачено од режисерски акробации, усилена глума, кич сценографија и нешто „ново, посебно и невидено“.
Она што ми се допадна вечерва е непретенциозната режија, убавата исто така скромна но ефективна сценографија, играта на речиси сите актери, но и воопшто спонтаноста на сцената и интеракцијата со публиката. Пораката пак е јасна и гласна, и потсетува на онаа реплика од филмот „Трето полувреме“: „Људите се као кондури, идат у пар“. Некогаш тие парови се распар, едниот чевел е 37 а другиот 52 и чекорите не функционираат. Некогаш треба да се издржи, да се пребродат одредени ситуации за да нема каење, а некогаш разделбата е најдоброто решение за двајцата. И никогаш не е доцна за преоиспитување, обновување, прекин или почеток,во име на љубовта и убавината на живеењето. Сепак, според Џек Лондон „Љубовта е највозвишеното чувство и ретко кому доаѓа“ па затоа животот е едно постојано преиспитување да се истражиме себе си и да ги истражиме односите со луѓето околу нас, особено со оние кои сме во партнерски односи.
И така вечерва Драмски, ме врати мене како гледач кој го имаше изгубено пред 7 години. Па, кој сум јас? Чудно ми чудо. Еден обичен гледач. Но, вистинските артисти знаат дека секој гледач е важен. А овие глумци вечерва, го знаеја тоа и затоа беа штедро наградени. Ви благодарам драги глумци.
Уште две три претстави ќе изгледам до крајот на ова издание на фестивалот кое завршува на 13 јуни. Тогаш ќе можам да ги средам своите впечатоци и мислења. Но, она што досега ми се допаѓа најмногу е квалитетот на претставите и добрата маркетинг и медиумска кампања која почна одамна пред фестивалот да започне, токму онака како што треба и трае и сега со постојано објавување на фото и видео материјали, билтен, извештаи во медиумите…Но, штом имаме добра кампања, значи дека привлекуваме голем број на луѓе кои заради добрата кампања имаат и високи очекувања, па потребно е да се поработи на пропустите особено во придружнаа програма на фестивалот.
Пишува: Филип Димкоски
Фото: Драмски театар-Скопје