Театарски белешки (9): Театарот не е зграда, театарот се луѓето во него!

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Вчера, со пресконференцијата од 12.00 часот на која се соопштија наградите на 59 МТФ „Војдан Черднодрински“, со доделување на наградите и со „претставата“ „Вистината“ заврши театарското празнување во Прилеп.

Размислував за наградите. Прво мислев дека се премногу, но сепак мислам дека тоа е добро за поттик на сите актери, режисири и други многубројни чинители на театарот. Живееме во време кога уметноста навистина треба да се избори за ситни парчиња простор и да биде видлива. Овде мислам и на физички простор со оглед на тоа што имаме актерски екипи без сопствени театарски куќи, како што е прилепскиот, но и медиумски простор, општествен простор и т.н. A за сето тоа мора да се има љубов и волја за борба.

Честитки за сите наградени и нека овие награди им бидат поттик и ветер во грбот! Лично, ги очекував високите награди за претставата „12“ затоа што она што мене ме воодушеви е филмската поставка на оваа театарска претстава. Моето видување, го потврди претседателката на жирито Лилија Абаџиева која во образложението рече дека во претставата е сработена како филмски кадар. Јас знам дека од почеток до крај во таа претстава бев напрегнат и во исчекување, а во однос на актерската игра ме плени спонтаноста, актерското мајсторство и вештината на „неглумењето“.

Најголем дел од луѓето со кои разговарав се разочарани ов оваа претстава, бидејќи очекувањата им биле многу повисоки со оглед на силната екипа од актерски ѕвезди.

Нема да ги коментирам сите награди, но сепак не ми е јасна наградата „Димче Трајковски“ за Оливер Митковски, како и наградата за кореографија и сценски движења на Васил Зафирчев. Ако би наградил поединечен актер во „12“ тоа би бил Јолевски. Во вториот случај,  не станува збор за големиот актерски талент на Зафирчев. Зборувам за тоа колку кореографијата и сценските движења беа во функција на целината и каква порака испратија. Јас оваа награда ја доживувам на следен начин: „во оваа претстава, нема кореографија и сценски движења, но во оваа другава има. Е, па оваа што има, ќе ја наградиме“.

Сега откако заврши фестивалот, а адреналинот што го имав спласнува, ги анализирам сите впечатоци. МТФ е празник за градот. Освен претставите, сите други многубројни фестивалски содржини придонесоа во голема мера Прилеп овие денови да биде „град-театар“. Некому му се допадна некоја претстава, некому не, некој го однесе своето дете во детската зона, некој дискутираше на тркалезна маса, некој доаѓаше на забавите на летната сцена. Важно е дека многумина си најдоа некое делче, некоја точка која ги поврза со фестивалот.

Во Македонија вистинска борба е да се органзира неколкучасовен културен настан, а не пак неколкудневен. Не е ова реченица која треба да ги оправдува пропустите, но сепак треба да се поздрави енергичноста и работата на екипата, на чело со директорката Ана Стојаноска. Јас знам дека штом завршува едно издание, тие веќе почнуваат со подготовки за следното. Кој работи тој и греши и грешки има, а се надевам дека екипата ќе има слух да ги слушне забелешките и да ги коригира за идното јубилејно 60 издание.

Факт е дека насочени сме многу полесно да критикуваме, а многу потешко да пофалиме нешто. Јас секогаш го бирам ова второво, потешково. Имаше многу негативни коментари за обраќањето на претседателката на жирито Лилија Абаџиева. Многумина сметаат дека требаше да има превод од нејзиното обраќање. Ако забележавте добро, нејзиното соопштение беше напишано на македонски јазик и таа максимално се трудеше да чита и да зборува на македонски. Исто, таа ја искажа својата наклоност кон Македонија и рече дека се смета за мост меѓу двете земји и за алка која придонесува да се надминат проблемите меѓу Македонија и Бугарија. Истакна и дека Македонија е земја на многу талентирани уметници, а уметниците каде и да се, успеваат да изградат мостови какви што не можат да изградат политичарите и дипломатите.  Тоа би требало да се поздрави. Истото се однесува и за членот на жирито Иван Меденица. Сепак, најдобро е како што налага и протоколот, странците да си зборуваат на својот мајчин јазик, а преводот задолжително да биде обезбеден.

Но, Меденица изјави нешто што во прв миг ме повреди, а потоа ме натера на размислување. Тој рече оти според сето ова што го видел, смета дека македонскиот театар е во криза. Дали? Не знам.

Ако судиме, според претставата со која заврши фестивалот, „Вистината“ во изведба на Театар Комедија, тогаш навистина сме во длабока криза. Не случајно на почетокот на текстов, зборот претстава е во наводници. Ова личеше на една изведба од некоја училишна драмска секција. Е во оваа претстава, буквално немаше на што да се задржам па да речам дека е добро. Очајно, очајно.

Театар Комедија е основан во 2012 година, а јас во 2014 отидов да живеам во Скопје. Како студент ги изгледав сите претстави на актуелниот репертоар. Какво уживање беше тоа. „Ах љубов моја“, „За секого има по една“, па „Стјуардеси“, „Лет над кандидатското гнездо“, „Важно е да се викаш Ернест“… Тоа беа претстави кои вистина расположуваа, на сцена трепереше енергија, ентузијазам, сплотеност, врвна актерска игра. И натаму секогаш кога ќе ги гледав, чекав приближно исто или уште повисоко ниво. Но, од година во година е се’ полошо.  Јас не знам дали македонскиот театар е во криза, ама Театар Комедија сигурно е.

Театарот е жива и динамична игра. Човекот-актер, актерот човек е носителот. На сцена го гледаме и како актер и како човек, и затоа човечкиот фактор е главниот. Не се работи за услови, технички, вакви или онакви. Се работи за синергија, љубов, сплотеност, ентузијазам, желба, елан…Сето тоа го немаше во синоќешната „Вистината“ на Театар Комедија.

Спротивно од тоа, иако не ја изгледав претставата „Слепци“ на Турскиот театар од Скопје, преку обраќањата на сцена, но и преку личните контакти со актерите ја почувствував таа жива и дива енергија која кружеше насекаде околу нив. Токму затоа многумина со воодушевување зборуваат за претставата,  а со силни аплаузи беа дочекани соопштенијата за наградите на адреса на Турски театар.

И навистина, театарот е едно општество во мало. Театарот е слика на општеството. Општеството е заедница и ако не си сплотен, не си посветен, не си свртен и кон себе, но и кон другиот, успех нема! Сепак, театарот не е зграда, театарот се луѓето во него!

Пишува: Филип Димкоски

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

 

 

 

 

 

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Возач од Крушево управувал возило со 2,09 промили алкохол во крвта и предизвикал сообраќајка

Полицијата го  лишен од слобода возач од Крушево кој управувал возило под дејство на алкохол, со 2,09 промили алкохол во крвта. При тоа возачот, во алкохолизирана состојба, предизвикал и  сообраќајна несреќа, со материјална штета. На 13.06.2025 во 17.15 часот, полициски службеници од ОВР Крушево го лишиле од слобода Н.К.(67) од...

(Видео) Бумбароски: Во изминатите три години општината вложи над 100 милиони денари во образованието

Гоце Бумбароски, советник по образование во Локалната Самоуправа – Прилеп денеска излезе со прес, реагирајќи на обвинувањата на ОО на СДСМ – Прилеп. Тој во своето излагање рече: „- изајви Бубароски на Прес конференцијата која се одржа пред општинската зграда на ЛС.

(ВИДЕО) Заврши 59 МТФ „Војдан Чернодрински“

Синоќа, со свечено доделување на наградите и со претставата „Вистината“ во изведба на НУ Театар Комедија од Скопје, заврши педесет и деветото издание на најзначајниот театарски фестивал во Македонија, „Војдан Чернодрински“. Да потсетиме, фестивалот започна на 6 јуни, беа изведени вкупно 14 претстави, од кои 9 беа во официјалната конкуренција....