И така, заврши 59 МТФ „Војдан Чернодрински“, а ова е и мојата последна театарска белешка за ова издание. Една моја објава, поттикнат од колешката Елизабета Филипоска, стана првата белешка и така од ден во ден еве стигнавме до десетата. Благодарам за големиот интерес, читањето, коментарите, дискусиите. Тоа е и целта на овие мои писанија. Благодарам што овие писанија ви станаа редовно четиво деновиве и што беа продолжение на дијалозите и дискусиите. Има смисла кога театарот облагородува, но исто така и отвора дијалози.
Зошто ги пишувам? Оти ми е дојдено до култура. Дојдено ми е до театар. Да! Важно ми е! И како некој што пишува, ако на прво место ја ставам книгата, одма на второ место се наоѓа театарот. Ако се колебав околу ова претходно, годинава по фестивалот тоа ми е сосема јасно.
Јас овие денови живеев од утро до мрак со театарот! Го преживеав речиси секој момент и секое случување. Не само како новинар, не само како поет и рецитатор кој учествуваше во Детската зона на фестивалот, туку пред се како човек што го љуби театарот.
Ја почувствував магијата, бидејќи овие денови Прилеп навистина беше град театар. За тоа освен претставите, придонесе и богатата придружна програма. Секако и организациската екипа и прекрасните волонтери. Уште помоглема радост ми причинува фактот дека многмуна прилепчани дојдоа на фестивал. Увидов дека им значи и им треба. Една госпоѓа синоќа по затворањето рече: „Шубо беше денојве. Од утре шо че прајме?!“. Фестивалот им е потребен на луѓето. Фестивалот тргна по една нагорна линија во однос на популаризацијата, во смисла, секој прилепчанец да знае дека фестивал му се случува во неговиот град.
Памтам години кога сосема незабележително минуваше фестивалот, а некои најавени програми не се реалзираа воопшто. Добро е. Може да биде и подобро. Многу подобро. И ќе биде, ако веруваме и ако на било кој начин ја дадеме нашата поддршка. Честитки и благодарност за сите што го помогнаа фестивалот. Среќен сум што двата медиуми за кои пишувам Нова Македонија и Радио Пела дадоа поддршка за овој фестивал. Уметноста е храна на духот и потребна е како што лебот му е потребен на телото.
По кои убави нешта ќе го паметам овој фестивал? По тоа што Џамбазов првпат го гледам на театарска сцена, по маестралната игра на Јолевски во „12“, по преиспитувањето и прекрасната порака во „Сите прекрасни нешта“, по добрата актерска игра и дозираните шеги во „Парови“, по комплексноста и комплетноста на „Црно семе“ и по извонредната ига и безрезервното давање на сцената на Мартин Мирчевски во улогата на Доне, по безбројните средби со многумина драги луѓе, а особено школските од средно (оние исти десетина луѓе кои уште од средно па до денес, десетина години подоцна не престанаа секоја година да бидат дел од овој театарски празник), по коментарите и анализите со пријателите и колегите, по убавата дружба во летна сцена и по ракијата препек од кајсија на браќата од винаријата Лоза, по искрените дружби со децата во Детска зона, по музејот во движење во рамки на „Прилеп во фокус“, по достојната чест и почит што им се оддаде на тројцата прилепски театарски уметници, по почитта кон наградените за животно дело, по шармантното дарување црвени ружи за секој актер по завршувањето на секоја претстава, по насменаото добредојде и добровечер на волонерите, по најискрениот говор на актерката Слаѓана Вујошевиќ и нејзината детска насмевка, по возбидата од повторното слушање во живо на гласот на Снежана Коневска Руси, по онаа сеприсутност на директорката Ана Стојаноска и нејзината стаменост и смиреност кои оставаат впечаток дека нештата се одвиваат со леснотија, но и по бескрпекорната употреба на македонскиот јазик што е реткост, по детето-волонтер, деветоооделенецот Илија Јаневски кој покрај што е ученик на генерацијата, стана и еден од двајцата најуспешни волонтери, бидејќи како што му реков, изгледаше како да се телепортира, по…деноноќното мое продуцирање на содржини што ги работевме со техничкиот реализатор Никола Димески и по адреналинот што ме држеше за сите фестивалски денови.
Среќа е кога имате сознание дека секој од присутните барем за миг беше малку возбуден, среќен, утешен или замислен…Врпочем како што констатирал јужноафричкиот и британски книжевник, драмски писател и сценарист, Роналд Харвуд, театарот е еден од најинегниозните човекови компромиси со самиот себе. Во него тој изведува и ги забавива другите, се прави важен и се забавува себе си, а сепак тоа е еден од најмоќните инструменти за истражување и обид човек да се разбере сам себе, светот во кој живее и своето место во тој свет. Театарот може да биде контроверзен или да потврдува, субверзивно или конзервативно, да забавува и да просветлува, ако сака може да биде сето тоа заедно и повеќе од тоа. Може да ги засени и окото и увото и да ја држи прикована публиката. Она што е уште поважно, во создавањето на таа намерна атмосфера, театарот е во состојба да предизвика подсвесни емоции и да ја отелотвори онаа енергија во човечкиот ум која и поединците и општеството ги доведува до големи искушенија. Веројатно и затоа, во текот на целата историја, постоеле толку обдиди театарот да биде скротен или да се стави надвор од законот. А со оглед на тоа што сите тие обиди пропаднале, тоа е доказ дека театарот е нешто што им е потребно на луѓето.
Пишува: Филип Димкоски
Фото: MTФ „Војдан Чернодрински“-Прилеп