Последните состојби во ФК „Победа“, односно вчерашното писмено обраќање на клубот со кое ја информираа прилепската и пошироката јавност дека поради блокираната сметка и очајната финансиска состојба во најпознатиот прилепски спортски бренд, сениорската екипа на ФК „Победа“ не е во можност да го продолжи натпреварувањето во Втората фудбалска лига, предизвика револт меѓу граѓаните на општина Прилеп, но и пошироко. Од тие причини, советничката група на СДСМ и Коалицијата до претседателката на Совет на општина Прилеп поднесе барање за свикување на вонредна седница на општинскиот Совет со единствена точка на дневниот ред: 1. Информација за актуелната состојба во ФК „Победа“ Прилеп и донесување на предлог заклучоци за изнаоѓање на соодветно решение за надминување на ваквата состојба. Во образложението за поднесеното барање се вели: „Фудбалскиот клуб “Победа“ од Прилеп како најзначаен и најпрепознатлив спортски бренд на градот, се наоѓа во состојба на целосно пропаѓање, што претставува сериозен удар врз спортот, младите и јавниот интерес на општината. ФК Победа не е само спортски колектив, тук дел од идентитетот на Прилеп, клуб со децениска традиција, бројни успеси, европски настапи, клуб на генерации фудбалери кои го прославија името на клубот и градот низ државата како и надвор од неа. Денешната состојба и целосната неизвесност за иднината на ФК “Победа“, е резултат на долгогодишната негрижа и отсуството на одговорност. Општина Прилеп, за жал, последниве неколку години не покажа желба за вистинска помош на клубот за излез од оваа криза и е директен соучесник во неговото уништување. Како советничка група, сметаме дека е потребно свикување на вонредна седница на која Советот ќе добие целосна информација за фактичката состојба во клубот и ќе се донесат конкретни заклучоци и мерки за спас и реорганизација на ФК “Победа“. Свикувањето на вонредна седница ќе покаже дека Советот на Општина Прилеп ја разбира својата улога и сериозно му приоѓа на проблемот, дека стои зад заштитата на јавниот интерес, спортот и иднината на младите во нашиот град. Ако Советот ја пропушти можноста навремено да реагира, ќе остане запаметен како Совет кој преќутно дозволи да згасне најголемиот спортски бренд на Прилеп“.









