Во ЦК „Бели мугри“ вечерва, Општинското основно музичко училиште „Ристо Јуруков“, со ревијален хуманитарен концерт на кој учствуваа сродни училишта – гости од цела Македонија, го одбележа јубилејот – 70-години од основањето.
Ова училиште , како нижо музичко, е основано во 1956 година под името „Стеван Мокрањац“. Истото, подоцна е преименувано во „Ристо Јуруков“, според личноста која оставила неизбришливи траги во музичко-едукативната дејност во градот и пошироко.
На свеченоста вечерва, освен ученици од „Ристо Јуруков“ , свои моменти на сцената на Националната установа од Кочани имаа и ученици од училишта од Кавадарци, Неготино, Штип, Гевгелија, Струмица, Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Тетово, Куманово и Велес. Пред публиката тие се претставија со музика од познати македонски и светски композитори на пиано, виолина, флејта, саксафон, и на други музички инструменти.
Директорката на „Ристо Јуруков“, Марија Лазарова, отворајќи го концертот, рече дека преку сите што поминале низ музичкото училиште од Кочани во изминатите 70 години, тоа станало место каде музиката живее, се развива и инспирира.
-Овој јубилеј е симбол на истрајност, успешна соработка и љубов кон уметноста, која, кај нас, се се пренесува од генерација на генерација.
Вечерашниот ревијалниот концерт во ЦК „Бели мугри“, организиран во чест на 70 – годишнината од основањето ОМУ „Ристо Јуруков“, имаше хуманитарен карактер.
Собраните средства од продажбата на велзници што чинеа 200 денари, ќе бидат донирани на ЗГ „16 Март 2025 Кочани“ за изградба на спомен обележјето „Патека на бесконечноста“ во стариот пар во центарот на градот.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









