Американскиот нафтен гигант „Шеврон“ и приватниот инвестициски фонд „Квантум енерџи партнерс“ се позиционираат како водечки кандидати за преземање на меѓународните средства на рускиот „Лукоил“, чија вредност компанијата ја проценува на околу 22 милијарди долари.
Според агенцијата Ројтерс, „Квантум“ подготвува понуда преку новоформираната платформа Artemis Energy, во која би можел да се вклучи и „Шеврон“. Доколку се постигне договор, имотот би бил поделен меѓу партнерите.
Продажбата е директна последица на санкцискиот притисок врз „Лукоил“. Компанијата на 27 октомври 2025 година започна процес на продажба на странските средства, по воведувањето нов пакет американски и британски санкции, кои го ставија нејзиниот меѓународен бизнис под ризик од блокирани трансакции и правна неизвесност.
Портфолиото опфаќа рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и стотици бензински станици ширум светот. Според порталот SeeNews, во Југоисточна Европа „Лукоил“ располага со рафинеријата во Бургас во Бугарија, рафинеријата „ПетроТел“ во Романија, како и мрежи на бензински станици и складишта, меѓу кои и во Северна Македонија.
Клучен рок во процесот е 17 јануари, до кога, според американската Канцеларија за контрола на странски средства – OFAC, се дозволени одредени преговори и условени договори за продажба, што ја прави следната недела пресудна за заинтересираните страни.
Најголема чувствителност засега има во Бугарија, каде што парламентот веќе усвои законски измени со кои државата може да преземе контролна улога врз рафинеријата во Бургас, со цел да се спречат можни нарушувања во снабдувањето со горива.
Од „Шеврон“ за Ројтерс изјавија дека постојано ги оценуваат пазарните можности и дека работат во согласност со законите и регулативите, без да изнесуваат дополнителни детали. „Квантум“, „Лукоил“ и Белата куќа засега не одговорија на барањата за коментар.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









