По покана од Центарот за туристичко истражување и развој на планинските центри во Европа, претставници од Кочани учествуваа на Самитот на планински центри од Централна Европа – MoReSCE 2026, што се одржа од 24 до 26 март во хотел „Горски“ на Копаоник.
Станува збор за значаен меѓународен настан на кој учество зедоа еминентни експерти, претставници на институции и менаџери на планински центри од повеќе европски држави.
Во фокусот на дискусиите беа иднината на планинскиот туризам, актуелните предизвици со кои се соочува секторот, како и можностите за негов одржлив развој.
Особено значајно е што меѓу учесниците беа и претставници од Македонија – Планинарско-спортскиот клуб „Осогово“ од Кочани и хотел „Осоговски Конак“ од Пониква, кои настапија како единствени поканети делегати од земјава.
Тие пред европската публика ги презентираа природните убавини, туристичкиот потенцијал и развојните можности на Осоговските Планини.
Во рамки на самитот беа разменети искуства и добри практики, при што посебен акцент беше ставен на одржливиот туризам, инвестициите во инфраструктурата, адаптацијата кон климатските промени и унапредувањето на туристичката понуда во планинските центри.
Од ПСК „Осогово“ посочуваат дека учеството на ваков настан претставува значајна можност за вмрежување и стекнување нови знаења, кои ќе бидат искористени во насока на развој на Пониква и поширокиот регион на Осоговските Планини.
Во наредниот период најавуваат подготовка на детална презентација и конкретни предлози за унапредување на планинскиот туризам, со цел создавање современа, конкурентна и одржлива туристичка дестинација.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









