Годинава има 38 новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА во земјава, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје, објавен по повод 1 декември, Светскиот ден против СИДА.
Бројот на новорегистрирани случаи годинава е помал за 25,5 отсто споредено со истиот период од минатата година, кога се регистрирани 51 случај. Од случаите во 2025 година, најголем дел или 15 се со место на живеење во Скопје. Еден случај е странски државјанин.
Годинава се регистрирани осум смртни случаи поврзани со СИДА.
Според извештајот на ИЈЗ, од регистрираните случаи, 37 се од машки пол, а еден е од женски. Просечна возраст на новите случаи е 35 години, а 73,7 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години.
Инаку, од 1987 кога за прв пат се појави болеста во Македонија, до 2025 година во земјава се регистрирани 726 случаи на ХИВ/СИДА, а вкупно 138 од дијагностицираните починале поради причини поврзани со СИДА.
Со воведувањето на антиретровирусна терапија, преживувањето на лицата што живеат со ХИВ е значително подобрено, во последните 10 години од 447 регистрирани случаи, регистрирани се 33 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 7,4 отсто. Најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје“, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Светската здравствена организација (СЗО) на 1 декември се приклучува кон партнерите и заедниците во одбележувањето на Светскиот ден за борба против СИДА 2025, под мотото „Надминување на нарушувањата, трансформирање на одговорот кон СИДА“, повикувајќи на континуирано политичко водство, меѓународна соработка и пристапи засновани на човекови права за ставање крај на СИДА до 2030 година.
Еден од клучните предизвици во борбата против ХИВ/СИДА е доцната дијагноза, што е проблем и во Европа, каде 54% од новите дијагнози во 2024 година биле поставени предоцна. Во Македонија постојат програми за превенција, вклучувајќи доброволно советување и тестирање, но има извештаи за намалување на средствата за превентивни активности во последните години. Министерството за здравство има и Национален акционен план за здравствена безбедност 2024-2030 и Стратегија за здравство 2021-2030, кои вклучуваат здравствена програма за лица со ХИВ инфекција.









