Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов оствари работна средба со заменик-министерот за односи меѓу заедниците Неждет Мустафа.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од локално значење, со посебен акцент на изградбата на типските куќички за станарите од Старата касарна во Кочани.
Станува збор за проект кој со години е во фаза на планирање, а според најавите од општинското раководство, неговата реализација треба да биде целосно заокружена до крајот на оваа календарска година.
На урбанистички определена локација е предвидена изградба на седум објекти за групно домување, секој со по четири станбени единици. Секој објект ќе има вкупна површина од 138 квадратни метри.
Градоначалникот Владко Грозданов истакна дека проектот има големо социјално значење и претставува решавање на долгогодишен проблем за жителите на Старата касарна.
Ова е проект што долго време го чекаат граѓаните и наша обврска е конечно да го реализираме. Обезбедуваме трајно и достоинствено домување за семејствата од Старата касарна и очекуваме изградбата на типските куќички да биде целосно завршена до крајот на оваа година. Општина Кочани останува посветена на решавање на вакви суштински прашања од интерес на граѓаните – изјави градоначалникот Грозданов.
На средбата со заменик-министерот Мустафа беше нагласена подготвеноста за понатамошна соработка меѓу Општина Кочани и Министерството за односи меѓу заедниците, со цел успешнo и навремено да се планираат и реализираат и други проекти.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









