Прилепската болница доби донација од амбулантно возило за потребите на ромската заедница во Прилеп

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Амбулантно возило за олеснување на пристапот до основните здравствени услуги на ромската заедница во Прилеп денеска беше донирано во Општата болница.  Возилото е донација од невладините „Целим“ од Милано, Ромскиот ресурсен центар од Скопје и „Рома Перспектив“ од Прилеп, а финансирано од Европската Унија. Целта е преку мобилната клиника да се овозможат основни прегледи за околу 5 илјади Роми кои живеат во Прилеп, а најголемиот дел немаат основни услови за обезбедување на здравствена заштита.

– Она што е специфично е дека ова возило не е само транспортно, туку е и мобилна клиника. Со Општината и со болницата договоривме план со кој ќе се овозможуваат основни здравствени прегледи во ромската заедница, најмалку двапати месечно. Тимот од болницата ќе оди редовно да ги спроведува основните здравствени прегледи, а возилото е опремено за тоа, изјави Себитан Демировски, генерален менаџер на Ромски ресурсен центар од Скопје.

Прилепската болница има потреба од амбулантни возила и донацијата е добредојдена, посочи Кире Јоноски директор на прилепската општа болница.

-Во договор со невладината организација ќе направиме скрининг, испитувања на социјално загрозените пациенти. Проектот започна уште минатата година. Поради недостигот а и застареност на амбулантните возила, секако дека возилото е добредојдено. Возилото е целосно опремено со дефибрилатор, ЕКГ- скрининг, за кислородна поддршка и многу ќе помогне, рече Јоноски.

Општина Прилеп останува посветена на создавање инклузивна општествена средина, во која секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, има пристап до квалитетни услови за живот, образование, здравствена заштита и економски развој, посочи градоначалникот Борче Јовчески при примопредавањето на возилото.

– Во оваа прилика, сакам да им се заблагодарам на Европската Унија, на партнерските организации и на сите институции кои несебично придонесуваат во реализацијата на овој значаен проект, рече Јовчески.

Донацијата на возилото е една од активностите во рамки на проектот за обезбедување подобри услови за живеење на ромската заедница во Прилеп, што се имплементира три и пол години. Возилото ќе биде своевидна мобилна клиника и во ромската заедница ќе има основни прегледи најмалку двапати месечно.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Ќе се мијат улиците за почист град

Ќе се мијат главите сообраќајници за почист град, соопштуваат од ЈКП Комуналец, кои ветуваат дека ова миење на улиците, во иднина ќе се одвива редовно. Но, за темелно чистење на овие површините граѓаните ќе мора да ги отстранат паркираните автомобили на тротоарите во одреден термин. Имено, На 15.02.2026 година(недела), од...

Да му помогнеме на 14 годишниот Марко!

Марко Џолевски има само 14 години, а веќе животот го има соочено со редица здравствени предизвици. Неодамна во Турција беше опериран од тумор на жолчката, но неговата битка за подобро здравје сè уште трае, бидејќи живее со епилепсија, нарколепсија, апнеа, замор и болки.По враќањето од Турција, гастрохепатолошките и невролошките состојби...

Прилепчани не се предадоа лесно – битолскиот шампион се помачи за победа

Ракометарите на Прилеп во натпреварот од 21. коло на македонската Суперлига на гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Битола, се вратија со пораз,  32-27 (16-12) . Но, РК Прилеп не се предаде и со солидна игра,особено во во второто полувреме држеше мала негатива. На средина од вториот дел  од натпреварот Шипинкоски...