Третоноемвриските чествувања по повод 81 година од ослободувањето на Прилеп започнаа со полагање на цвеќе на спомен обележјата на Методија Андонов Ченто, на Кузман Јосифоски -Питу, на Песјобрдце и на Могилата на непобедените. Делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Дејан Проданоски, Советот на Општина, од АРМ, Сојузот на борци и од политички партии се поклонија и оддадоа почит пред хероите и симболите на Прилеп од Антифашистичката војна и ослободување од бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна.
Според програмата за одбележување на Денот на конечното ослободување на Прилеп попладнево ќе биде поставена спомен плоча на Коста Смилески, а во 18.30 ќе биде отворена изложбата на дела од 17-та колонија Дрен 2025.
Централната свеченост е од 19 часот кога Советот на Општина Прилеп во големата сала на ЦК „Марко Цепенков” ќе ја одржи свечената седница на која ќе бидат доделени Третоноемвриските награди.
Годинава уметникот Рубенс Корубин и легендата на прилепскиот фудбал Јове Магдески, постхумно, се добитници на Наградата за животно дело што ја доделува Прилеп по повод празникот на градот, 3 Ноември – денот на конечното ослободување.
Добитници на наградата плакета по повод 3 Ноември се: компанијата „Микросам“ која одбележува 35 години постоење, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ кој има 75-годишен јубилеј, НВО „Hand Till Hand’’ од Шведска за хуманиот и општествен ангажман во здравствената заштита, Интеракт клубот при гимназијата „Мирче Ацев“ со млади ентузијасти за вреднување на солидарноста и хуманоста и здружението на граѓани, извиднички одред „Феникс“ кој одбележува 10 години постоење.
Наградата диплома „3 Ноември“ градот им ја доделува на поединци: Петре Кироваков, поет и активист во Здружението на протераните Македонци од егејскиот дел на Македонија, на д-р Биљана Консулоска Гвероска, автор на научни публикации од областа на земјоделството, агроекологијата и тутунопроизводството, на Владимир Ѓорѓиески, репрезентативецот во билијард и на новинарката Елизабета Митреска за особен придонес во новинарството.









