Општина Прилеп со низа манифестации од утре среда, 17 ти септември се приклучува кон Европската недела на мобилност-водечка кампања за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност. Еднонеделната програма опфаќа активности како што се возење велосипед, бесплатно користење на јавниот градски превоз, ноќна трка низ улиците во Прилеп, манифестација „Сите на велосипед 2025“ и ден без автомобили при што ќе биде запрен сообраќајот во централното градско подрачје на градот.
Воедно, Прилеп е во мрежата од 5 градови во Македонија каде експертски тимови од Италија и Турција работат на план за урбана мобилност.
„Целта е да промовира одржливата урбана мобилност за чиста животна средина и здрав живот“, посочи на прес конференција градоначалникот Борче Јовчески.
Што е тоа одржлив план за мобилност?
Тоа е стратегиски план дизајниран да ги задоволи потребите за мобилност на луѓето и бизнисите во градот за подобар квалитет на живот во средината. Се гради врз постоечките искуства и содржи интеграција, партиципација и евалуација. Планот е стратегија за долг рок за мобилност при што главниот фокус не е само на автобилите, туку и за останатите средства како што се велосипедите и јавниот превоз. Тоа е комбинација од инфраструктурни, пазарни, регулаторни и информациски полиси. Планот е со краток и среден рок со визија за долг рок и стратегија. Тоа е интердисциплинарен план со вклучување на граѓаните, посочи Тито Стефанели од Италија дел од експертскиот тим консултанти кој работи на Одржливиот план за мобилност на Прилеп.
Планот се изгработува преку Министерството за транспорт и врски, проект за поврзување на локалните патишта финансиран од Светска банка како една компонента од целиот проект за изработка на планови за вкупно 5 градови во Македонија.
Планот ги дефинира начините на мобилност, подобри услови на мобилност на граѓаните и на бизнисите при што на неговата подготовка работи локална група составена од јавните претпријатија, беа вклучени анкети за граѓаните за да се дефинираат приоритетите, рече Винета Иваноска, од одделението за локален економски развој при ЕЛС Прилеп.
На прес конференцијата присуствуваа сите вклучени институции, здруженија и НВО, спортски клубови кои активно се вклучуваат во одбележување на Европската недела на мобилност.
Ова се настаните кои следуваат во текот на Европската недела на мобилност во Прилеп:
17 СЕПТЕМВРИ 2025г (среда)
Критична маса/Вело кино
Во изминатите години низ улиците на Прилеп еднаш во месецот во организација на ПРИЛЕП НА ТОЧАК се реализира манифестацијата Критична маса на која се собираат голем број на велосипедисти кои возат низ градските улици. Нивната цел е на самите учесници да им се долови (не)почитувањето на сообраќајните правила, интеракција со возачите на автомобили и интервенциите на полицијата.
Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град.
Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата…..
На крајот од денот сите учесници ќе присуствуваат на проекција на филм, чија техничка поддршка ќе биде обезбедена од активностите на проектот „ПЕДАЛИ И ПРИКАЗНИ“ кој го реализираат здруженијата ФАК и GO GREEN.
18 СЕПТЕМВРИ 2025г (четврток)
Автобусите од градскиот превоз ќе возат бесплатно цел ден, а на патниците што ќе го користат јавниот превоз ќе им се делат флаери со претходно подготвена содржина на која ќе биде објаснето кои се предностите од користењето на јавен превоз во споредба со користењето на автомобили. Флаерите ќе ги делат учениците од сообраќајната паралелка при СОУ Ристе Ристески Ричко, кои преку целиот ден ќе бидат присутни во автобусите облечени во брендирани маички.
19 СЕПТЕМВРИ 2025г (петок)
Запирање на сообраќајот на Булеварот „Гоце Делчев“ од 18.00ч до 22.00ч и реализација на ноќна трка на 5 км низ прилепските улици. Организацијата и техничката поддршка на настанот е од Ориентациониот клуб „ЗЛАТОВРВ“ од Прилеп.
20 СЕПТЕМВРИ 2025г (сабота)
Сообраќајното одделение од СОУ Ристе Ристески Ричко заедно со претставници на одделението за сообраќај на МВР Прилеп ќе имат заеднички активности низ градските сообраќајници (запирање на возила и делење на флаери со подготвената содржина)
21 СЕПТЕМВРИ 2025г (недела)
„СИТЕ НА ВЕЛОСИПЕД 2025“
Групно возење на велосипед со старт од пред Реклами во 12.00Ч до Аеродромот во Коњари и назад. Настанот е во организација на ВК & сервис „ИЛИНДЕН “ – Прилеп на кој слободно можат да учествуваат сите љубители на велосипедот од Прилеп.
22 СЕПТЕМВРИ 2025г (понеделник)
ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ
Ќе биде запрен сообраќајот на главната сообраќајница на град Прилеп од 07.00 до 15.00ч.Во периодот додека е запрен сообраќајот на самата сообраќајница континуирано ќе се одвиваат активности координирани од страна на Сојузот за училишен спорт (СУС) – Прилеп во кој ќе земат учество училиштата, детските градинки, НВО, спортски Сојузи и спортски клубови со најразлични теми : прзентација за велосипедизам, презентација за планинарење, возење на ролери, презентација за сообраќајот и сообраќајни правила, тренинг на зумба клубот, ШАХ. ориентација, бадмингтон итн.