Во просториите на Општината доцна попладнево се одржа редовниот “Приемен ден на градоначалникот“, на кој граѓаните имаа можност директно да ги изложат своите проблеми, предлози и идеи. Десетици жители од различни делови на градот дојдоа за да разговараат за прашања поврзани со инфраструктурата, комуналните услуги, урбанистичките планови и социјалната поддршка.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски потенцира дека оваа средбата е закажана во попладневните часови за да се почитува работнот време на граѓаните и посочи дека ваквите средби се од особено значење за подобрување на комуникацијата меѓу локалната власт и граѓаните. “Средбите лице в лице се најдиректниот и најискрен начин да се слушне гласот на граѓаните и да се најдат вистинските решенија за нашиот Прилеп. Затоа непосредната комуникација со граѓаните останува еден од најважните делови од мојата работа. Нашата цел е да ги слушнеме потребите на секој жител и да најдеме практични решенија. Само преку директен дијалог можеме да изградиме доверба и да обезбедиме поефикасно управување. Дијалогот, довербата и заедничката работа се клучни за подобра иднина на Прилеп,“ објави тој.
Граѓаните кои присуствувале на приемниот ден изразиле задоволство од можноста лично да разговараат со градоначалникот и да добијат конкретни одговори. Некои од нив побарале подобрување на уличното осветлување, некој уредување на нивната улица, други укажале на потребата од нови зелени површини, а имало и неколку граѓански предлози за поквалитетно живеење во Општина Прилеп.
Општината најави дека ваквите приемни денови ќе продолжат да се организираат редовно, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки.









