Во рамките на предвремениот откуп, по паузата, Тутунски Комбинат од 1 ви декември продолжи со преземање на актуелната реколта, а паралелно откупуваат и Кавекс, Италмакс. Во најава за старт се Сокотаб, а од утре почнуваат Алијанса и Пашоски. Останатите компании Секе и Орбита Табак сеуште немаат пријавено во Сојузот кога би започнале со преземање на договорените количества ароматичен ориентален тутун.
Дали се работи за тактизирање на регистрираните откупувачи или едноставно се водат според зацртаната динамика? Според законската обврска сите 10 откупувачи треба да ги отворат вратите најдоцна до 15 ти декември, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија, кој додава дека на состанокот во Скопје бил постигнат одреден напредок.
– Резултат од состанокот во Скопје е компаниите да го запазат рокот за старт на откупот. Добриот тутун да се откупува во прва класа и одбитокот да биде максимално до 3 %. На долните берби да биде одбитокот до 3 %, а на горните берби да биде до 1 %. Со овие цени не дозволивме да биде откупувањето по класи, бидејќи ако се дозволеше да се откупува по класи ќе паднеше просекот под ланскиот. Така што ќе го задржиме просекот на оваа реколта со максималната цена од 420 денари за килограм. Компаниите кои имаа пониски цени во договорите од 420 денари ни испратија анекси за корегирање на цените и ги израмнуваат сите. Односно, 420 денари за прва, 360 за втора и 300 денари за третата класа. Но, преговорите за повисоки цени продолжуваат, вели Ристески.
До 1 ви декември откупени биле 500 тони, по цена од 420 денари, иако има проценки и во втора класа кое што било по желба на кооперантите.
– Има нешто проценки и во втора класа кое што е исклучиво по барање на тутунарите. Тоа се неквалитетни, влажни и недосушени тутуни кои што компаниите не ги откупуваат. На одредени места, откупувачите се приморани да одбијат да го ценат тутунот и производителите си го враќаат дома бидејќи тоа е недосушен или тутун со многу влажност. Апелираме до тутунарите да го остават тутунот да се досуши и тој тутун ќе биде откупен бидејќи откупот трае до 28 ми февруари. За тоа има услови кога ќе паднат температурите минусни, а со тоа тутунот ја испушта влагата, ќе се исуши и ќе има фабрикациона употребна вредност. И тој тутун ќе биде купен во прва класа, потенцира Ристески.
Во вкупната откупена количина најголемо учество во досегашниот тек има Кавекс Балкан со повеќе од половината преземен тутун. Се очекува деновиве со стартот на преостанатите компании откупот дополнително да се интензивира, а за тоа ќе помогнат и временските прилики со најава за дожд и потоа минисни температури. Пресметките на Сојузот на тутунари се дека на терен има околу 25 илјади тони квалитетен ориентален тутун.
Прес конференцијата се одржа во кругот на централниот откуп на Тутунски Комбинат АД Прилеп. Иако новинарските екипи побараа мислење за текот на откупот од тутунарите присутни при откупот, ниту еден од нив не сакаше јавно да проговори и да ги каже своите забелешки за цените, или за начинот на откуп.









