Меѓуградскиот воз помеѓу Прилеп и Битола ќе почне да сообраќа на крајот на јуни или почетокот на јули, а наскоро се очекува да стартува и карго железничкиот сообраќај кон двата града. Ова денеска одговарајќи на новинарско прашање го најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила, истакнувајќи дека железницата повторно ќе добие значајна улога и во превозот на патници и во транспортот на стоки.
Според Николоски, воведувањето на железничката линија е резултат на потребата од алтернативен и побрз превоз во периодот кога се реализира изградбата на автопатот Прилеп-Битола.
„
Имајќи предвид дека се гради автопатот Прилеп-Битола и дека се користи стариот пат, сметавме дека е добро да се воспостави еден меѓуградски воз. Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата и особено патните премини и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција. Можам да најавам дека на крајот на јуни, почетокот на јули, како што веќе ветивме, ќе биде воспоставена линијата помеѓу Прилеп и Битола“, изјави Николоски.
Тој посочи дека возот ќе сообраќа во термини кои најмногу ќе им одговараат на граѓаните, а цената на билетот ќе биде симболична, од 150 денари, за да можат што повеќе граѓани да го користат
Министерот најави и скоро започнување на карго железничкиот сообраќај кон Прилеп и Битола, нагласувајќи дека веќе постои сериозен интерес од компании за користење на железничкиот транспорт.
„Во Прилеп веќе има сериозен интерес од неколку компании да ја користат железницата како можност за сообраќај и транспорт. Тоа прво ќе помогне да се намали загадувањето, второ да ги заштитиме патиштата и трето да ја заживееме железницата“, истакна Николоски.
Тој додаде дека од страна на државните институции се преземаат сите неопходни активности за воспоставување на патничкиот и товарниот железнички сообраќај, а наскоро ќе остане компаниите да ја искористат можноста за транспорт на производи и суровини преку железница и да ги намалат своите трошоци.