Општина Прилеп од први март започнува постапка за присилна наплата на неплатениот данок на имот и комунална такса за период 2023, 2024 и 2025 години. Причина за ваквата непопуларна мерка на наплата е тоа што значителен број даночни обврзници и покрај досегашните повици за подмирување на даночните обврски, дел од даночните обврзници сеуште не ги подмириле своите обврски. Соопштението го објавуваме во целост:
Општина Прилеп ги известува сите физички и правни лица кои не ги подмириле своите обврски за данок на имот и за комунална такса за истакната фирма за последните три години (2023, 2024 и 2025 година), како и должниците кои не ги подмириле своите обврски по сите останати даночни и таксени основи, дека од 01.03.2026 ќе започни со присилна наплата на своите побарувања. Со цел да се избегне блокирањето на сметките и дополнителните трошоци кои произлегуваат од присилната наплата, се повикуваат сите обврзници, физички и правни лица, кои по разни даночни основи имаат заостанати и неплатени обврски за изминатите години, итно (заклучно со 01.03 2026 година) да ги подмират своите обврски
Во тековната година Општина Прилеп испрати опомени за неплатен данок на имот и комунална такса до сите правни и физички лица кои вршат дејност на територијатa на Општина Прилеп. Од причини што рокот во кој што требаше да се изврши плаќање на доставените опомени е изминат, Општина Прилеп започна и со изготвување на решенија за присилна наплата кои што ќе ги достави до даночните обврзници и носителите на платен промет (деловните банки). Затоа, со цел да се избегне блокирање на сметките и непотребни трошоци, сите обврзници кои по разни даночни основи имаат заостанати и неплатени обврски, потребно е итно (заклучно со 01.03 2026 година) да ги подмират своите обврски. Според податоците на Одделението за администрирање на приходи на Општина Прилеп вкупниот процент на наплата на даноци во 2025 година изнесува 60 проценти, при што наплатени се околу 137 милиони денари по основ на даноци и комунални такси.
Иако, наплатата бележи раст во однос на претходните години, надлежните посочуваат дека постои значителен износ на ненаплатени средства кои треба итно да бидат подмирени. Општина Прилеп изразува благодарност до сите даночни обврзници кои навремено ги подмируваат своите обврски и на тој начин придонесуваат за подобри услуги и развој на општинара, и ќе продолжиме да работиме транспаретно и отчетно во интерес на граѓаните. Граѓаните можат да извршат увид на својата даночна состојба на веб страната edanociprilep.mk каде што е овозможено и електронско плаќање на данокот.









