Државната изборна комисија денеска од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола дистрибуира 4.613.438 гласачки ливчиња за локалните избори кои ќе се одржат в недела на 19 октомври, а најдолгото ливче е 500 милиметри или половина метар. Дистрибуцијата ја вршат 17 тимови на Држаната изборна комисија (ДИК) со обезбедување од МВР.
На Локалните избори 2025 ќе има 1.832.415 избирачи, 3.480 избирачки места, но ќе бидат отворени само 3.474 зашто во шест нема запишано гласачи, односно нема население.
Локалните избори се најобемни избори и за овој вид на доверлив материјал се предвидени 48 милиони денари или околу 780 000 евра, но конечната сума ќе биде објавена подоцна во зависност од тоа на колку места ќе има гласање во вториот изборен круг.
Печатењето на изборниот материјал завршило два дена предвреме, а ДИК извршиле детални проверки. Материјалот бил обезбеден и соодветно спакуван и сортиран. Локалните избори ќе ги мониторираат околу 1400 лица, половина од нив се домашни, а половина се странски набљудувачи.