Во рамки на проектот „Заедно кон Европа: Мултиетничка иницијатива за европска иднина за сите генерации“, на 24 и 25 јули 2025 година, во просториите на ГРЕЕН ХАБ-КО во Кочани се одржа дводневна обука посветена на европските вредности и процесот на ЕУ интеграција.
На обуката активно партиципираа учесници од различни етнички заедници – млади луѓе и граѓански активисти, кои преку интерактивни активности, дискусии и групна работа, имаа можност да се запознаат подлабоко со основните вредности на Европската Унија, со механизмите на ЕУ проширувањето и со улогата на граѓанското општество во процесите на европска интеграција.
Првиот ден беше посветен на разбирање на концептите на демократија, владеење на правото и човековите права како темели на ЕУ, но и на предизвиците со кои се соочуваат земјите во пристапниот процес. Учесниците работеа на студии на случај, анализираа примери од праксата и ги поврзуваа европските вредности со сопствениот локален контекст.
Вториот ден понуди практични алатки за активна вклученост – од планирање на иницијативи, до креирање локални акции и застапувачки кампањи. Особен акцент беше ставен на зајакнување на соработката меѓу различни заедници, поттикнување на инклузивност и заедничко дејствување во насока на европска иднина.
Учесниците споделија лични искуства, идеи за иницијативи во своите заедници, и ја потенцираа потребата од вакви едукативни настани како средство за градење капацитети, но и за јакнење на соживотот и граѓанската свест.
Оваа обука претставува само една од низа активности што ќе се реализираат во рамки на проектот, насочени кон поддршка на мултиетнички дијалог, активно граѓанство и европска интеграција.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.