Територијалната противпожарна единица во Кочани во текот на 2025 година реализирала вкупно 315 интервенции, што претставува намалување во однос на 2024 година кога биле евидентирани 329 излегувања на терен.
Според податоците од единицата, најголемиот дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.
Командирот Драган Апостолов истакнува дека пожарникарите немаат надлежност да изрекуваат казни, туку нивната улога е да ги идентификуваат сторителите.
Во моментов нема ангажиран инспектор за пожари кој би постапувал на терен заедно со екипите.
Со цел поефикасно откривање на причинителите, воведена е нова практика – користење на приватен дрон за следење и идентификација на лица кои предизвикуваат пожари.
Покрај интервенциите, единицата спроведува и континуирани превентивни активности, особено во летниот период.
Тие вклучуваат едукација на граѓаните преку медиуми и социјални мрежи, дистрибуција на информативни материјали, како и соработка со претседателите на месните заедници.
Исто така, во соработка со училиштата и детската градинака се спроведуваат тактичко-показни вежби за евакуација при случај на несреќа.
Во однос на капацитетите, противпожарната единица во моментов располага со 10 возила и 17 професионални пожарникари, при што целокупната опрема е во исправна состојба.
Најголем број интервенции минатат година биле регистрирани на територијата на Општина Кочани – вкупно 226, од кои 135 се на отворен простор со зафатена површина од околу 235 хектари, 46 се пожари на објекти, а 45 се технички интервенции.
Во Општина Чешиново-Облешево се евидентирани 72 интервенции, при што доминираат пожарите на отворен простор (59) со опожарени 68 хектари, додека 13 случаи се технички интервенции. Во оваа општина не се регистрирани пожари на објекти.
Општина Зрновци бележи 12 интервенции, од кои 9 се на отворен простор со опфат од 6 хектари, а 3 се пожари на објекти.
Во текот на годината, кочанските пожарникари петпати интервенирале и надвор од својата територија, обезбедувајќи поддршка на службите во Виница и Македонска Каменица.
Инаку, според бројот на жителите, а со оглед на фактот дека пожарникарите ги покриваат и териториите на Општините Чешиново-Облешево и Зрновци, бројот на пожарникари треба да изнесува 33.
Извештајот за работата на Територијалната противпожарна единица – Кочани за 2025 година беше усвоен на 13-тата седница на Советот со 17 гласа „за“.
Исто така, советниците донесоа одлука и за давање финансиска помош на Доброволното противпожарно друштво- Кочани.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









