Македонска Каменица, петок, 22 ноември 2024
Меѓународниот фестивал и истоимената награда „Јаков од Камена Река“ е инспириран и посветен на првиот македонски печатар Јаков од Камена Река (денешна Македонска Каменица) кој во XVI излегол од Македонија и ja развил својата печатарска дејност во Венеција каде работел во печатницата на Божидар Вуковиќ.
Оваа година во Македонска Каменица беше поставена изложба со превод на „Часословот„ на современ македонски јазик од епископот делчевско-каменички г. Марко и македонскиот типограф Ласко Џуровски кој е автор и на фонтот наречен „Јаков“:
„Работењето на овој проект беше исклучителна чест, и народски кажано со многу ‚ќеиф‘ пристапив кон оваа работа. Задоволни сме од резултатот што го добивме, секако со поддршка од владиката Марко, на некој начин го оживеавме ‘Часословот’ и тоа може да се види на претставените панели. Тие паѓаат од паноата, што значи дека се живи и како да сакаат дa испратат порака – не само да бидат поставени овде, туку да излезат надвор, светот да ги види, да покажеме што имаме. Сите да дознаат какви се и каде се нашите корени, затоа што имаме факти и ве поканувам ова да го претставиме секаде во светот, за сите да видат кои сме и кон што тежнееме, односно дека не сме дрво без корен, туку сме дрво со длабоки корени“, истакна Џуровски.
Епископот делчевско-каменички г. Марко ја истакна важноста што печатениот „Часослов“ ја имал за развојот на македонската писмена култура, а преку преводот и соодветната типографија е достапен за денешните и идните генерации.
Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ годинава се одржува по втор пат под покровителство на Општина Македонска Каменица и градоначалникот Димчо Атанасовски, здружението „Надеж“ и културно-информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица.
Фестивалот оваа година ги додели наградите „Јаков од Камена Река“ на академик Љупчо Коцарев за особен придонес во науката и зачувување на македонскиот идентитет, проф.д-р Станоја Стоименов, особен придонес во науката и промоција на Македонска Каменица, проф д-р Катерина Тодороска, особен придонес во историската наука, Костадин Танчев – Динката, особен придонес во развојот на графичкиот дизајн, проф. Георги Гоце Дуртаноски за афирмација на македонското писмено наследство и уметноста на убавото пишување (краснопис) и публицистика, на д-р Бранислав Светозаревиќ за особен придонес во историската наука и публицистиката, на Македонската заедница во Чешка „Македонска мисла„ односно на инг.Коле Боровски, претседател на Заедницата и инг.Димитри Кирјаковски, почесен претседател на Заедницата за афирмација на македонското писмено наследство, јазик и литература, на епископот Делчевско-каменички Неговото преосвештенство г.Марко за афирмација на православните духовни вредности, на библиотеката „АЛ-БИ“ од село Бабино за особен придонес во негување на љубовта кон книгата, на Дејан Трајкоски, особен придонес во македонската публицистика и литература и на Добрила и Дориaн, за афирмација на современата македонска музика.
Хронолошки гледано, книгата на Јаков е печатена 112 години по печатењето на Библијата од Германецот Јохан Гутенберг во Мајнц, пронаоѓачот на техниката за печатење со подвижен слог, со што и Македонците се вбројуваат меѓу првите народи што го прифатиле трендот на тоа време односно револуционерното откритие на Гутенберг.
Илустрација на Св.Никола – Часослов (страна 65)
КОЈ Е ЈАКОВ ОД КАМЕНА РЕКА И КОЕ Е НЕГОВОТО ЗНАЧЕЊЕ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИОГРАФИЈА
Јаков од Камена Река (денешна Македонска Каменица) е прв засега познат македонски печатар од XVI што излегол од Македонија и ja развил својата печатарска дејност во Венеција каде работел во печатницата на Божидар Вуковиќ. Роден во свештеничка фамилија во Камена Река работел како писател на црковно-словенски книги, наследство кое го стекнал од неговата фамилија. Неговото најпознато дело „Часослов“, го издал и испечатил на црковно-словенски јазик во Венеција во 1566 година. Делото е исполнето со илустрации и вињети на христијански светци.
Во 1569 заедно со Јеролим Загуровиќ од Котор ја пишува и испечатува неговата втора книга „Псалтир со последование” и се продава во првата македонска книжевна продавница „Кара Трифун“ во Скопје. Книгата е користена како буквар за оние кои го учеле црковно-словенското писмо.
Сепак најголем предизвик за академската заедница во Македонија останува мистеријата за неговиот датум на раѓање и смрт кои засега остануваат непознати.
Еден примерок од „Часослов„-от поседува Одделот за ретки книги и ракописи на Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ во Скопје.
Македонската заедница од Чешка „Македонска мисла“ во придружба на градоначалникот на општина Македонска Каменица г. Димчо Атанасовски и од име на фестивалот „Јаков од Камена Река“ беше положен венец пред споменикот на македонскиот бранител Миле Јаневски – Џингар во присуство на неговата сопруга Оливера Јаневска